Поранешниот премиер Никола Груевски пред да побара азил, на 16 октомври 2018 им напишал писмо на челниците од Европската Унија.
Писмото го испратил до еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, еврокомесарката за надворешна политика Федерика Могерини, комесарката за човекови права на Советот на Европа Дуња Мијатовиќ и претседателот на Европската народна партија Жозеф Дол. Тој во писмото што го објави ТВ Алфа, се жали на политички прогон во случајот „Тенк“ и бара меѓународни судии да извршат проверка на, како што пишува, масовниот политички прогон во државата.
„Да присуствуваат на неколку рочишта и на крајот да одговорат – дали во нивните држави тие предмети, со такви докази, тие обвиненија би поминале или би биле отфрлени од судот и зошто. Тоа мислење се разбира нема да ја смени одлуката на локалниот суд, но ќе одговори на прашањето поврзано со политичкиот прогон во Македонија“, пишува Груевски и наведува дека ако овој предлог не е прифатлив, побарал Унијата да испрати мисија во Македонија.
„Оваа мисија ќе ги утврди фактите, повторно составена од професионални и политички независни судии од кривичната област… Секоја изјава во правец дека не смее никој да се прогласи за виновен доколку не постојат цврсти законски прибавени докази што би биле од корист за судиите и јавноста во Република Македонија. Секој повик во правец на напуштање на практикување на правото во функција на водење политика би бил значаен“, пишува Груевски во писмото.
Во продолжение во 10 точки поранешниот премиер објаснува дека аудио материјалите кои СЈО ги користело како доказ се незаконски прибавени и дека судот одбил, како што вели, нивно вештачење по барање на одбраната, а од друга страна дозволил за СЈО да вештачат лица без лиценци.