За оние со послаби политички нерви, мојот совет е наредниве недели да се избегнува читање портали, гледање дебати и троловски активности на фејсбук. Излезете надвор, надишете се од овој загаден зимски воздух, дури и тоа подобро ќе ви дојде, отколку да се потресувате со политичкиот трилер што влегува во својата завршница со новите приведувања за настаните од 27 април, со заокружувањето на преговорите за тоа кои „нивоа“ од вмешаните во насилствата ќе бидат предмет на „помирување“, со соопштувањето на деталите – кај и да е, еве само што не е! – од бегството на Груевски, со најавите дека ќе има и други предновогодишни апсења од висок политички профил од областа на организираниот криминал, со заокружувањето на процесот на уставните промени…
За „нормални“ држави ова би била доволно драматична агенда и за цела година. Во Македонија, Империјата (на правната држава) го возвраќа ударот во долгогодишен цајтнот при обидот да се „зачисти дворот“ пред сè поизвесното влегување во НАТО.
Ова е моментот да проверите дали ви се добро врзани појасите!
Во ваквиот политички театар, ние што ги имаме поевтините карти, на галеријата резервирана за новинари (и јавност), претставата ја следиме со внимание, иако трае прилично развлечено и со бројни паузи: правната држава долго се плеткаше, додека уфрли во трета, а сега и во четврта брзина.
Вреди да се замисли човек, повторно, дали ова забрзување ќе се случеше да не беше така наглата и неконтролирана љубезност на г. Груевски, без поздрав и збогум, да си замине од државава? Кој и да бил во одборот за негово испраќање, мора да видел некои работи подобро од она што се гледа од галеријата…
Но, има и едно друго ниво чиешто движење не е лесно да се забележи, а не е помалку тектонско од ова, со правната држава. Имено, македонската политичка реалност во последно време полека се придвижи од плебисцитарниот политички модел, со контроверзниот референдум на врвот од тој долготраен популистички шлаг; кон парламентарната, претставничка демократија, разработена во нашиот Устав. Разликата може да ви се чини незабележителна, но е суштествена: во Собранието пратениците не се делегати, туку претставници на гласачите. Тоа значи дека тие не се проста продолжена рака на народот кој ги гласал, туку политички овластени претставници за квалификувано толкување на интересите на граѓаните кои ги гласале.
Ова важно демократско „поместување“ значително го оснажи Собранието како место за водење реална политика во државата, исцрпувајќи одреден квантум на моќ од партиите и Владата, како што и треба да биде во нормалните демократии.
Всушност, оснажувањето на самостојната правна држава, паралелно со оснажувањето на јавноста („галеријата“) низ ослободените од закани и притисоци медиуми, доведоа до тоа во самото Собрание сега да се водат суштински, оригинерни политички процеси, низ кои се бараат демократски решенија за носење важни одлуки – каква што е целата оваа, на моменти мачна и хаотична, но демократски далеку поеманципирана расправа за уставните промени.
Мислам дека овој деликатен демократски феномен Заев, макар инстинктивно, добро го разбира, поради што е „распослан“ со изјави дека не може од него да се бара да ја врши работата и да ја носи одговорноста на сите владини и вонвладини институции во државата.
Од друга страна, пак, ова во опозицијата се уште сè трудат да го сфатат, лути што не може да ја контролираат монолитноста на некогаш моќната ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи се тие, сепак, политички потомци на метафората за Мијалков и „тефтерчињата на Гордана“ како главни политички лостови за владеење со државата.
Велам, велам, шаткасти тоа ноџињата, ама да му се позлатат! За сите форинти!
Извор: Цивил медиа