По барање на Обвинителството за организиран криминал, вечерва во Скопје е уапсен Владимир Атанасовски, поранешниот директор на УБК. Тој е веќе спроведен во Кривичниот суд каде вечерва треба да почне неговиот распит пред судија во претходна постапка, а кој треба да реши дали на Атанасовски ќе му одреди мерка притвор, која ја побарало Обвинителството.
Од Јавното обвинителство на Република Македонија доцна вечерва соопштија дека тој се сомничи за кривичното дело Здружување заради непријателска дејност од чл. 324 ст.1 од Кривичниот законик.
Надлежен обвинител до судија на претходна постапка достави Предлог за определување на мерка притвор. Во моментов се очекува да започне сослушување на осомниченото лице.
Инаку, апсењето на Атанасовски следува откако вчера беше посочуван како едно од лицата кои се директно инволвирани во настаните од 27 април 2017. Неговото име го споменуваа браќата Стефан и Михаил Младеновски, како и Захарие Симовски, кои се меѓу 33 обвинети за крвавиот четврток.
Атанасовски стана директор на УБК на 1. септември 2016 година, а таму дојде на местото на Љупчо Андоновски, кој пак, го замени Сашо Мијалков откако тој си даде оставка.
Атанасовски во сведочењата за 27 април, беше посочуван како близок човек на обвинетиот Александар Василевски Нинџа.
Според вчерашните искази, откако тој станал прв човек на Тајната полиција му дал одврзани раце на Нинџа, со ветувања дека тој и групата ќе добијат поддршка и ќе бидат заштитени од безбедносните структури. По проценка на Атанасовски и на други лица од УБК се правеле планови кој да биде нападнат од јавните личности, новинари и партиски функционери од СДСМ, кои наводно, според него биле непријатели на македонскиот народ.
Меѓу сведочењата на тројцата обвинети, меѓу другото, имаше и такви во кои се посочуваше дека Нинџа пренесувал порака од Атанасовски за да се нападнат домовите на Петре Шилегов и Радмила Шеќеринска, и да се запали возилото на Љубомир Фрчкоски.
Инаку, Атанасовски по заминувањето од УБК и промената на раководството во ВМРО-ДПМНЕ, стана партиски советник за безбедност на лидерот Христијан Мицкоски.