Случајот со бегството и добивањето азил на поранешниот премиер Груевски, е предизвик за билатералните односи меѓу Република Македонија и Унгарија, кој го третираме со голема внимателност и во согласност со принципите на владеење на правото кон кои Македонија се стреми, а да се остане посветен на патот кон одржување на односите меѓу двете земји. Ќе ги искористиме сите правни можности за негово соочување со правдата во Македонија – изјави министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, на билатералната средба со унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, за време на работната посета на Брисел – информираа денеска од Министерството за надворешни работи на Република Македонија.
Министерот Сијарто ја повторил поддршката на Унгарија за европската и евроатлантската интеграција на Република Македонија.
Министерот Никола Димитров, на маргините од министерскиот состанок, досега оствари повеќе билатерални средби и тоа со: алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Џорџ Катругалос, МНР на Унгарија, Петер Сијарто, МНР на Кралството Холандија, Стеф Блок и МНР на Грузија, Давид Залкалиани.
На средбата со својот грчки колега, министерот Димитров разговараше за процесите и правните чекори кои следат во врска со пристапниот протокол за членство во НАТО на Република Македонија. Од двете страни, како што соопштуваат од МНР, беше истакната цврстата волја за имплементирање на Договорот од Преспа.
Со холандскиот МНР Стеф Блок, кој честиташе за завршувањето на втората фаза за уставните измени, стана збор за реформите во областа на владеењето на правото. Министерот Димитров, како што информираат од МНР, посочи дека „нашата цел е да не оставиме никаков сомнеж меѓу земјите членки дека заслужуваме почеток на пристапни преговори со Европската унија.“
Со МНР на Грузија, Давид Залкалиани, се разговараше за унапредување на билатералните односи меѓу двете земји. Министерот Никола Димитров ќе оствари билатерални средби и со своите колеги од Романија, Норвешка, Литванија и Турција.
На последниот ден од работната посета на Брисел, во рамките на НАТО, МНР Димитров ќе учествува на министерскиот состанок на Северно-Атлантскиот Совет со земјите контрибутори во мисијата Решителна поддршка во Авганистан. Во рамките на ЕУ, МНР Димитров ќе се сретне со високата претставничка на ЕУ, Могерини, и со еврокомесарот Хан.