Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос, по средбата со македонскиот министер, Никола Димитров, порача дека имале “суштинска дискусија“ за Преспанскиот Договор и за изјавата на премиерот Зоран Заев за јазикот и македонското малцинство.
Катругалос посочи дека го отворил прашањето за контроверзната изјава на Заев и со генералниот секретар на НАТО – Јенс Столтенберг, на денешниот состанок на министри за надворешни на Алијансата.
– Имавме суштинска дискусија со македонскиот министер за надворешни, двајцата се согласивме дека проблематичните изјави предизвикуваат сомнеж за вистинското значење на Преспанскиот Договор и дека треба да се избегнуваат, токму затоа што двете земји инсистираат на верно почитување на духот и писмото на Договорот, кој е од бенефит за двете страни – изјави Катругалос.
Тој додаде дека и двајцата се согласиле дека “она што точно го дефинира статусот на обврските на секоја страна е членот 3 (4), кој не остава никаков простор за интервенција во ниту една од земјите“.
Гркот потврди дека го отворил прашањето денеска со Јенс Столтенберг, освен другите теми.
– Го отворивме и тоа прашање, а Столтенберг ме информираше и за техничкиот процес што следи, бидејќи сите се надеваме на ратификација во двете земји.
Катругалос повтори дека треба да се биде “многу, многу внимателен“ и да не се создаваат сомнежи и погрешни интерепретации за тоа што го кажува Договорот.“