Обвинет за 27 април: Ден претходно ми кажаа дека ќе се влегува во Собрание

1449

Обвинетиот за 27 април Влатко Трајковски е вториот кој денеска во судот дава своја одбрана. Обвинетиот сведочеше околу 4 часа, а во исказот тој почна да зборува за себе навраќајки се во 1994, потоа преку 2001-та, учеството во конфликтот и неговата женидба стигна до „крвавиот четврток“.

Зборувајќи за настаните кои ми претходеле на крвавиот четврток тој кажа дека во 2016 година по парламентарните избори бил повикан на состанок во ВМРО-ДПМНЕ.

– Беше наредено секој да излезе на протест пред ДИК. Класична наредба. Ако не излезат велеа „ќе дојдат комуњариве ќе ве избркаат од работа”, значи психички им го переа мозокот – рече Трајковски.

На 12 декември, рече тој, биле повикани да се мобилизираат и да појдат пред ДИК. Тој бил на паркингот кај „Рамстор“ нон-стоп и следел што се случува. Од работа земал слободни денови, излажал дека ќе оди на свадба во Србија.

Протестите пред ДИК, како што рече тој, биле претходница на тоа што се случувало.

– На 27 февруари почнуваат протестите за Заедничка Македонија. На 26 вечерта во 12.15 часот по полноќ бев повикан, ми беше кажано дека ќе има протестите и што помасовно да излеземе – посочи Трајковски.

Од патриотски причини, кажа тој, учествувал и бидејќи е член на ВМРО-ДПМНЕ иако формално било кажувано дека партијата не стои зад тоа и им кажувале да не носат партиски обележја.

На протестите рече имало секакви луѓе, од обезбедување, началници во МВР, партиско членство. Трајковски рече и дека бил следен до дома во село Драчево по завршување на протестите.

– За едни цврсто сум убеден дека тие што ме следеа до дома беа началници од УБК по што по моето пристигнување пред куќата колата замина накај среде село, се врати, ја намали брзината и ми беше сликана куќата – рече Трајковски.

На 26 април како и сите денови, посочи тој, биле мирни протести со едноставна маршрута од Влада кон Собрание. Кога заминал дома, го повикал другар и му рекол дека го бараат некои луѓе кои се во кафана во Драчево.

– На мое прашање зошто не ми се јават ми беше кажано дека ова што ќе ти биде кажано не смее да се слушне по телефон. Отидов во кафана, се видов со луѓето, тројца, не ги познавам еден по изглед го знам. Рекоа дека утре може ќе се влага во Собрание. Прашав „мојата задача која е, кого ќе утепуваме таму”. Ми рекоа: „Ти ќе бидеш задолжен да пазиш на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и на претседателот Трајко Вељановски и да пазиш да не излезе работата од контрола”. Им реков дека не сум супермен, а ми рекоа дека има и други луѓе, нема да се знаеме меѓу себе и секој ќе си ја знае работата – раскажа обвинетиот.

Му рекле дека целта е да се предизвика што поголем хаос во Собранието, да се исплашат пратениците.

– Прашав да ми кажат кои се луѓето за да не се испотепаме меѓу себе, но не ми беше кажано. Ми рекоа дека ќе има луѓе кои ќе ги избришаат снимките од камерите – рече обвинетиот.

Тој посочи дека им рекле дека има лица од ДБК кои ќе ги штитат и ништо нема да им се случи. Трајковски им рекол дека ќе размисли зашто не се влегува во книжара туку во Собрание.

На 27 април се вратил од работа, татко му, му рекол дека го барале некои луѓе, но тој останал дома, пиел кафе и ракија.

– Во 16.25 часот и реков на сопругата дека ќе одам во селото до дуќанот за риболовна опрема. Отидов, побарав тоа што ми требаше и се упатив кон Рампа во друга продавница за риболовна опрема- раскажуваше Трајковски.

Околу 17.20 часот си рекол дека кога веќе е таму да „тркне да види што се случува кај Собрание”.

Што раскажа тој за случувањата во Собранието прочитајте ТУКА.

Пред да стигне до тоа што се случувало на 27 април, Трајковски си го раскажа целиот живот. Тој се наврати од далечната 1994 година кога потпишал пристапница за зачленување кон УМС на ВМРО-ДПМНЕ. Потоа зборуваше и за тоа дека одел војска, а најмногу раскажуваше за воениот конфликт во 2001-та кога тој учествувал.

Во неговиот исказ тој кажа дека истата година донел и, како што го нарече, едно специфично решение – да се жени. Било зима, јануари, а неговиот дедо, се потсетуваше обвинетиот, викал кога ќе се жени да биде зима зашто тогаш амбарите се полни.

– Невестата не ја запросив туку ја донесов бегалка – рече Трајковски.

Неговата одбрана кај останатите обвинети, адвокатите, обвинителките и новинарите во неколку наврати предизвика гласно смеење. Судијката Добрила Кацарска во еден момент и предупреди да не го прекинуваат со коментари бидејќи тој има право да зборува што сака давајќи ја неговата одбрана.

Трајковски зборувајќи за тоа како учествувал во конфликтот во 2001 година, кажуваше детали што правел, какви задолженија имал итн. Меѓу другото, тој кажа и дека сфатил оти војната била наметната и тие биле предадени од тогашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ.  Посочи дека по влегувањето во Арачиново и три дена страшни борби во кои загинале голем број на луѓе од безбедносните сили, виновниците на крај не биле казнети.

– Буквално сфатив дека војната ни е наметната а ние сме глинени глуви. Откако се случи предавството по вина на тогашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ кај народот се јави омраза која беше искажана преку протест пред Собрание – зборуваше Трајановски.

На тој протест, тие како припадници на полициските структури рече дека тогаш влегле во Собрание, така што на 27 април не му било првпат да влегува.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...