Прва отстапка на француската Влада пред „жолтите елеци“

242

Францускиот премиер Едуар Филип ќе воведе мораториум на одлуката за зголемување на даноците за горивата, која предизвика масовни протести низ Франција, соопштија извори од Владата во Париз.

Како што јави дописникот на МИА, Филип ваквото решение треба да го соопшти во текот на денот.

Ова е прва отстатпка на францускиот претседател Емануел Макрон, кој се соочува со зголемен притисок за изнаоѓање излез од најдлабоката внатрешна криза откако ја презеде претседателската функција во мај минатата година – протестите поради високите таски за горивата, кои резултираа со најголемите немири во Париз во последниве децении.

Француските медиуми во денешните коментари на одлуката на Филип го поставуваат прашањето дали првата отстапка на Владата ќе биде доволно да се запре незадоволството на „жолтите елеци“, кои сега, покарај замрзнување на таксите за горивата, бараат и зголемување на минималните пензии и плати, како и враќање и зајакнување на јавниот сервис.

Филип вчера се сретна со дел од министрите во неговата Влада и со шефовите на главните опозициски партии, со цел да се најдат начини за надминување на кризата.

За денеска беше закажан состанок на Филип со претставници на протестното движење „жолти елеци“, кои веќе трета недела демонстрираат ширум Франција, но изутринава францускиот национално радио Франс Интер објави дека средбата е откажана  откако некои од водачите на протестите добиле закани по животот.

Лидерите на „жолтите елеци“, Жаклин Муро и Бенжамен Коши изјавија дека добиле закани од „тврдокорните демонстранти“, кои ги предупредиле да не преговараат со Владата.

Француските медиуми посочуваат дека всушност главниот проблем на движењето „жолти елеци“ е што нема официјални претставници и  структура, туку настана како израз на граѓанското незадоволство.

Францускиот министер за внатрешни работи Кристоф Кастанер при вчерашното сослушување пред членовите на Законодавната комисија на Националното собрание, призна дека стратегијата која ја применија силите на редот при протестите во саботата „не била прилагодена на настаните“. Тој презеде одговорност за порпустот, но најави промена на страгеијата за интервенција во случај на нови насилни демонстрации.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...