Република Македонија припаѓа на еден од најранливите региони во светот по прашањето на климатските промени. Покрај правилата за ублажување на климатските промени, одлуките за климатските промени би требало да опфатат и адаптација на засегнатите сектори. Мора да постои еднаквост меѓу ублажувањето и адаптацијата. Ова е особено важно во контекстот на финансиите, истакна претседателот Ѓорге Иванов, во своето обраќање на Самитот за климатски промени COP 24, што се одржува во Катовице, Република Полска.
Република Македонија, како што рече тој, во континуитет го усогласува начинот на известување со стандардите на Европската Унија.
– Но, дури ни тоа не е доволно. Додека говорам тука, многу мои сограѓани дишат воздух кој е еден од најзагадените во Европа – додаде Иванов.
Според него, мора да се воспостави круг на доверба меѓу политичарите, научниците, претприемачите, наставниците и активистите, затоа што, како што вели „ не се натпреваруваме еден против друг, туку заедно како тим“.
– Енергетскиот сектор, земјоделството, транспортот и градежништвото треба да го земат глобалното затоплување предвид. Ова е неопходно за здравјето на луѓето, особено за најранливите категории. Следствено, нашата трајна заложба мора да биде зелен раст и развој и помали јаглеродни емисии. Но, тоа ќе биде возможно само ако создадеме зелени работни места. Затоа, ја поддржуваме Шлезиската декларација за солидарност и праведна транзиција која се однесува на преквалификацијата на работната сила – истакна во обраќањето претседателот Иванов.
Република Македонија во април 2016 година во Њујорк го потпиша Парискиот договор за климатски промени, што беше усвоен во 2015 година на Самитот за климатски промени COP21 во Париз, каде учествуваше претседателот Иванов. Договорот од Париз е прв универзален и правно-обврзувачки договор што треба да стапи на сила во 2020 година и истиот досега е потпишан од 194 држави и од Европската Унија. Со потпишување на Парискиот договор, Република Македонија ја реафирмираше својата посветеност во приклучувањето кон светските напори за ублажување на последиците од климатските промени, преку преземање на конкретни чекори, мерки и активности и исполнување на одредбите на Парискиот договор за климатски промени.
Иванов очекува дека COP24 ќе ги постави општите правила за следење на напредокот на земјите при спроведувањето на Парискиот договор.
– Мора темелно да го промениме нашиот начин на живеење, производство, потрошувачка и развој. Треба да го замениме себичниот консумеризам со филозофија на споделување – порача шефот на државата, додавајќи дека Република Македонија останува посветена на овие заложби.
На COP24 во Полска учествуваат триесеттина шефови на држави и влади од целиот свет. Целта на Самитот за климатски промени COP 24 во Катовице е да се финализира практичната имплементација на Парискиот договор за климатски промени од 2015 година, што е дел од Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени.
Во рамки на работната посета на Република Полска, македонскиот претседател, како што соопшти неговиот кабинет, ќе одржи билатерална средба со полскиот претседател Анджеј Дуда и ќе престојува во Вроцлав, каде ќе одржи предавање на Вроцлавскиот Универзитет.
ФОТО: EPA/NAKE BATEV