Обвинет за 27 април: Бевте злоупотребени од Нинџа и директорот на УБК

2763

Обвинетиот за 27 април, Стефан Младеновски денеска дава своја одбрана пред судот кој одговарајќи на прашање на Горан Ангеловски – Ќосето дали смета дека луѓето од патриотските здруженија се злоупотребени, посочи дека е сигурен  оти биле злоупотребени од Александар Василевски – Нинџа и од Владимир Атанасовски, тогашен директор на УБК.

Младеновски зборувајќи за настаните од 27 април кажа дека биле во ресторанот „Дион“, Нинџа им дал пари да купат маски. Тој зборуваше и за инволвираност на лица од УБК во организацијата. Во 19.33 часот кога излегол од Собранието заедно со неговиот брат кој е исто меѓу обвинетите, се упатил во паркот „Жена Борец“.

– Таму ги сретнав Александар Василевски – Нинџа, таму беше и Никола Митревски -Кољо, по кратко време од 10-тина минути сите од „Дион“ беа таму. Тука го видов и Игор Југ кој се жалеше дека му пукнала шок бомба во рацете и се лутеше зошто го оставиле сам. Тука дојде и Дејан Димковски – Боксер, вработен во УБК кој ни кажа да не се секираме бидејќи камери нема зашто тој ги искршил. Истото тоа лице ни кажа дека околу 10 часот претседателот Иванов ќе има обраќање и ќе прогласи воена состојба, дека воена полиција веќе е поставена на патарините кај Гостивар и Тетово и кај Корупчино, но од тоа не се случи ништо. Иванов излезе и повика на мир и наредниот ден ги повика двете партии на лидерска. Дејан Димковски – Боксер кажа дека таа информација ја добил од некое лице Синиша кое работи кај претседателот Иванов – раскажа Младеновски.

Кај споменикот Прометеј, рече тој, имало и лица за кои Нинџа му кажал дека се поранешни припадници на лавовите и дека со нив се нивните команданти од Битола и Прилеп.

– Во еден момент се слушна дека групи на Албанци се собираат и се спремаат да дојдат кон Собранието. По тоа Нинџа отиде да се види со Никола Бошковски – Прскач кој како што разбрав е дојден со некое возило кај градска болница. Потоа разбрав дека во тоа возило имало оружје автоматско, полуавтоматасо и оружје. Кога го прашав Нинџа што ќе се случи ако дојдат Албанци кажа дека и тука има луѓе кои знаат да пукаат. Но од тоа ништо не се случи – зборуваше Младеновски.

Тој во својата одбрана рече и дека Нинџа за време на паузите на минатите рочишта постојано му сугерирал да каже пред судот дека Никола Митревски – Кољо е другар со Атанасовски, екс директор на УБК, дека Кољо наредил да се купат маски и дека Кољо е организатор на 27 април.

– Секој што го познава знае дека Никола Митревски – Кољо примаше наредби од Нинџа, тука сакам да нагласам дека можеби и Нинџа примал наредби од Атанасовски – рече обвинетиот додавајќи дека исто така, Нинџа му кажувал и оти е близок другар со Атанасовски.

На крајот од распитот на обвинетиот, прашања поставуваше и судијката Добрила Кацарска која меѓу другото го праша и дали тој или некој друг кои влеговте во Собранието имале оружје.

– Јас не. Со свои очи не видов, но во еден момент кога лицето во цивилна облека впери пиштол, Кољо ми рече да не се секирам дека и тој има – рече Младеновски.

Тој претходно раскажа дека на состаноците им било посочено дека ќе кога ќе дојде денот ќе треба да влезат во Собрание, но одговарајќи на прашањата посочи дека ниту некој му кажал ниту пак во негово присуство на некого му кажувале што треба да прави внатре.

Претходно се пуштаа видео-снимки од говори на Богдан Илиевски пред Собранието на 27 април минатата година. На почетокот од говорот обвинетиот Богдан Илиевски ги повикува насобраните граѓани „силно и бучно да ги потсетат пратениците во Собранието дека како што на сила седат внатре, може и на сила да излезат”.

Неговиот адвокат Дончо Ников укажа на фактот дека по тоа обраќање, толпата прави силна бука и никој од насобраните демонстранти не се упатува кон Собранието.

– Потоа се слуша дека толпата не ја повикува да влезе во Собранието, туку да слушнат нешто убаво и ја повикува следната говорничка Ивона Опетчевска Татарчевска, предвидена според програмата за протестите тој ден – вели адвокатот Наков.

Тој наведе дека потоа повторно без гестикулации и повикување, обвинетиот Илиевски, вели дека „ова ќе заврши на избори и секој што се обидува да направи државен удар ќе заврши неславно“.

– Од снимката се гледа дека никој од граѓаните, 22 минути по завршувањето на реченицата, за која обвинителството смета дека ги повикува граѓаните да влезат во Собранието, не влегол во Собранието – истакна адвокатот.

Обвинетиот Илиевски не даде одбрана.

И Обвинетите Иван Цветановски и Борис Дамовски рекоа дека нема да изнесуваат одбрана.

Потоа, во судницата се изведуваа фотографии и снимки предложени од одбраната на обвинетиот Владо Јовановски.

Неговиот адвокат посочи дека дека од фотографиите се гледа со каква смиреност и во каква атмосфера без никакво насилство е обвинетиот Јовановски во собраниската пленарна сала.

– На снимката, посочи одбраната, се гледа како обвинетиот Владо Јовановски помага да се изнесе лице на кое му се слошило и излегува од Собранието.

Одбраната на Игор Дурловски нема докази и не даде исказ.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...