Столтенберг: НАТО подготвен да го потпише пристапниот протокол со Македонија

252

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, потсети дека Алијансата е подготвена да го потпише пристапниот протокол со Македонија штом биде имплементиран Преспанскиот договор.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, непосредно пред почетокот на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО членките, Столтенберг повтори дека сега е на македонските власти да го завршат својот дел од работата.

– На Собранието и властите во Скопје е да донесат одлуки, не можам да гарантирам во име на Скопје. Она што го видовме е дека првото гласање каде беше потребно двотретинско мнозинство помина, дали ќе има двотретинско повторно на последното гласање не е на мене да шпекулирам, она што можам да го кажам е дека штом договорот за името е имплементиран ние сме подготвени да го потпишеме пристапниот протокол – изјави Столтенберг, одговарајќи на новинарско прашање.

Тој додаде дека штом се потпише пристапниот протокол македонската влада ќе почне да присуствува на министерските состаноци на Алијансата.

– Навистина се надевам дека Скопје и народот во земјата ќе ја искористат оваа историска прилика што се случува еднаш во животот – изјави Столтенберг.

Алијансата се состанува во вторник и среда на министерско ниво за да дискутира за големите безбедносни предизвици. Западниот Балкан е на агенда во среда, а македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров, ќе има билатерални средби со негови колеги на маргините на овој состанок во Брисел.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...