На 25 ноември 2015 година, Специјалниот известувач на ОН за насилство врз жените, Дубравка Шимоновиќ од Хрватска, ги повика земјите-членки на ОН да се фокусираат на превенцијата на родовите убиства со воспоставување платформа – Надгледување фемицид (Femicide Watch) – за следење на фемицидите, убиствата на жени од мажи само затоа што се жени. Фемицидот е глобално идентификуван како водечка причина за рана смрт на жените. Тоа е најекстремната манифестација на машкото насилство врз жените.
Според Глобалната студија за 2013 година на Канцеларијата за дрога и криминал на Обединетите нации, „една од две убиени жени била убиена од страна на нејзиниот интимен партнер или член на семејството“.
Жените најголеми жртви
Насилството врз жените и девојките останува едно од најраспространетите и постојани повреди на човековите права на глобално ниво. Глобалното истражување на Светската здравствена организација покажа дека една од три жени има доживеано психолошко, физичко или емоционално насилство во текот на својот живот. Агенцијата за фундаментални права на Европската Унија најде слични бројки во истражувањето за насилството врз жените во текот на целата 2014 година. Според истражувањето на ЕУ, 33 отсто од жените во ЕУ доживеале физичко и/или сексуално насилство уште од 15-годишна возраст. Исто така, 22 отсто имале физичко и/или сексуално насилство од страна на партнер. 5 отсто пријавиле дека биле силувани.
За жал, ниту една земја не е изземена од родово насилство, вклучувајќи ја и мојата.
Во вашата земја, Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, во Извештајот за набљудување на Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство од 2016 година, посочи дека „во периодот од 2001 до август 2016 година, биле регистрирани 32 фемициди. 15 од овие убиства се случиле во периодот помеѓу 2013 и 2016 година“. Во отсуство на систематизиран пристап за регистрирање на фемициди, овие податоци се базираат на документација од невладини организации и медиумско известување.
И покрај подобрените неодамнешни политики и законодавни мерки, жените во земјата се диспропорционално погодени од домашното и родовото насилство. Студијата од 2014 година на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје покажа дека 82 проценти од преживеаните жртви на семејно насилство се жени, додека 93 проценти од осудените за семејно насилство се мажи.
Ги презентирам овие екстремни податоци, со цел да ја илустрирам ситуацијата во која жените и девојките сè уште живеат. Предолго тишината и стигмата дозволуваат насилство врз жените да продолжи. Елиминирањето на насилството врз жените и девојките е клучен чинител за глобалниот мир и безбедност. Како регионален безбедносен аранжман од Поглавјето VIII од Повелбата на ОН, ОБСЕ работи на елиминирање на насилството врз жените и се залага за спроведување на обврските кои произлегуваат од Акциониот план на ОБСЕ за унапредување на родова еднаквост од 2004 година.
Стоп за насилството
Дојде време да се запре насилството врз жените и девојките. Тоа е неприфатливо, дискриминирачко и мора да биде осудено, сузбиено и спречено по секоја цена. Светските кампањи, како движењето #MeToo во врска со сексуалното вознемирување, помогнаа да се подигне свеста на граѓаните, од сторителите да се бара одговорност. Сепак, потребно е уште поконкретно да се работи на проблемот. Од подигнување на свеста до соодветни одговори на политиките, од обуки за органите на прогонот до помош за жртвите. Може да направиме уште многу во борбата против насилството врз жените.
Насилството врз жените повеќе не е женско прашање. Тоа е прашање на социјална грижа, во која мажите и момчињата играат витална улога. Иако на мажите им е тешко да зборуваат за насилството врз жените и за семејното насилство, неопходно е тие да бидат вклучени во превентивните активности, за да придонесат за промена на ставовите и сфаќањата. Ангажирањето на мажите и момчињата во промовирањето на родовата рамноправност ни овозможува да ги разбиеме стереотипите и да го трансформираме однесувањето.
Кога пристигнав во Скопје, во септември, бев информиран за чекорите коишто владините институции и граѓанското општество ги преземаат за спречување на семејното и родовото насилство. Донесени се политики, легислатива и стандардни оперативни процедури, воспоставени се механизми за координација и зајакнати се професионалните капацитети. Усвојувањето на Националниот акционен план за спроведување на Истанбулската конвенција пред неколку седмици е важен чекор напред.
Мисијата на ОБСЕ во Скопје ги поддржува овие напори. Прашањата поврзани со семејното насилство ќе бидат истакнати во нашите активности во 2019 година, кои ги спроведуваме со органите на прогонот, судството, граѓанското општество и независните институции. Следната година ќе презентираме податоци од студијата за благосостојбата и безбедноста на жените во целата земја. Оваа студија ќе ни овозможи да ги споредиме наодите од 10 земји од областа на ОБСЕ и таа треба да послужи како основа за понатамошно развивање на активности за поддршка на Националниот акционен план за имплементација на Истанбулската конвенција.