Илиоски: Димитров го нема во Собранието, си најде попаметна работа

437

Министерот Никола Димитров денеска не дојде во Собранието, му досади да не слуша, си најде попаметна работа, наверојатно некое тендерче,  обвини пратеникот Зоран Илиоски од ВМРО – ДПМНЕ на продолжението на собраниската дебата за двата преостанати нацрт-амандмани за уставните измени, согласно Договорот од Преспа.

Во моментот се расправа за третиот амандман според кој „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави”.

Илиевски беше опоменат од собранискиот спикер Талат Џафери за искажаното, но тој рече дека има право како пратеник да си го каже својот став додавајќи дека амандманот за кој денеска се расправа нема суштинско значење, по усвојувањето на амандманот за промена на уставното име на државата.

Згора на се, додаде Илиевски, треба уште да им гарантираме на Грците, како досега да немало такви гаранции во нашиот Устав, во Повелбата на ОН, дека го почитуваме територијалниот интегритет на соседите.

– Ретко која држава во светот си го менува своето име доброволно. Неспособноста на Владата сакате да ја покриете со ова прашање. Еве занимација за луѓето, занимација за опозицијата, за медиумите – додаде Илиоски.

Репицираше Андреј Жерновски, заменик министер за надворешни работи кој рече дека министерот Димитров денеска е во Брисел и затоа не присуствува на собраниската дебата, а искажувањата на опозицискиот пратеник ги оквалификува како непристојни.

– Немате потреба да го браните вашиот министер, тој со нас беше непристоен, така што кој како ќе си постеле, така и ќе си легне – додаде Илиоски, потсетувајќи на вчерашниот говор на министерот Димитров.

Пратениците од опозицијата во дебатата за третиот нацрт – амандман истакнуваат дека Македонија нема територијални претензии спрема ниту една држава, така што според нив е непотребно да се вметнува допонително во Уставот.

Викендов пратениците со 65 гласа „за“, 18 „против“ и 8 воздржани го усвоија нацрт-амандманот со кој одлуките на АСНОМ се заменуваат со Прогласот од АСНОМ и се вметнува Охридскиот рамковен договор, а претходно беше усвоен и нацрт-амандманот, со кој се предвидува менување на името Република Македонија со Република Северна Македонија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...