И додека разочараните граѓанки и граѓани, и Шарените меѓу нив, знаат да прашаат „За ова ли се боревме?“, продолжува блокадата на главниот град од еден грст луѓе, шатори и клупи откорнати од парковите. Вемерето, со уличарски финти ја држи земјата во заложништво, имајќи безброј можности што им ги пружаат црните пари, финансирањето од Истокот, но и власта со необјасниво несмасната реакција. Но, не седнав за вемерето да пишувам, туку за европската перспектива на нашата земја. Препорачувам внимателно читање до крај. Да прогледаме или да ѝ плукнеме на вистината в очи (што би рекле словенечките „Булдожер“), прашањето е сега…
Неуспехот на Владата
Како да не се знае разликата меѓу владеењето на правото и бескрајната попустливост и небрежност. Да не говориме за сѐ погласните негодувања дека клучни сектори се во рацете на претходната власт, дека администрацијата се однесува бескрајно кабадаиски (за ова посебно ќе решетам деновиве…). Се губат време, нерви и пари, а уште пострашно, човечки животи. Зошто? Одговорот може и сами да го дадете, да не испадне дека ви наметнувам мислење.
Владата не успева да ги спроведе реформите што ги очекуваат мнозинството македонски граѓан(к)и, а кои беа ковани во времето на ненасилниот отпор против криминалната страховлада на Груевски.
Оваа проценка е особено поврзана со очајно многу потребните реформи во судството, безбедноста и борбата против корупцијата. Не помалку важни и очекувани се коренити промени во областа на социјалната правда, особено правата на работниците, здравството и образованието. И екологијата, човече! Екологијата! Кога ќе се набројат овие проблеми, потребните, а неспроведените реформите во областа на изборниот систем изгледаат како играчка. А не се.
Опструкциите од надвор и од внатре
Опструкциите на опозицијата и жестоката руска пропаганда се ефикасни на многу начини и може да послужат како изговор, но само делумно. Владата сега е мешавина од голема палета на политички и финансиски интереси и структури на моќ, поради потребата од (колку-толку) стабилно мнозинство во парламентот.
Демократската унија за интеграција, предводена од Али Ахмети, поранешен десетгодишен коалициски партнер на Груевски, ги зазема стратешките сектори во владата и дефинитивно е еден од факторите што ги попречуваат реформите и ја подриваат довербата во институциите и во владата. Но, тука орбитираат и други поранешни ортаци на Груевски, како што се ДОМ, партијата на Амди Кока-Кола Бајрам (имаше ли име таа партија?), Тито Петковски, Мендух Тачи, Ферид Мухиќ, Ѕинго и низа други што беа послушни и „кооперативни“ со претходниот режим, верни до гроб (и слични „љубовни“ изјави)… Нека ми простат што не ги споменав сите што беа приврзоци на Грујо, а сега се гребат за позиции од новата власт, има време, ќе го комплетирам пописот.
Посебен параграф мора да му се посвети на самиот СДСМ. Владејачката партија може да се пофали со многу долга листа на недостатоци и коруптивни постапки и афери, што воопшто не ја олеснува позицијата на Македонија во поглед на ЕУ интеграциите. Сè на сè, разочарувањето на новата влада е очигледно и оди во прилог на националистичката, анти-западната и проруската опозиција.
Охрабрување и поддршка
За жал, тука не е крајот на пописот на проблемите на македонската држава. Недостатоците на владата, во голема мера, се последица и на објективни околности. Меѓу другото, проблемите произлегуваат и од безбедносните прашања во регионален контекст (Балканот остана темпирана бомба), како и агресивната политика и мешање на Русија, Турција и други моќни антизападни центри.
Затоа, без оглед на сите недостатоци и проблеми, без оглед на сите грешки во чекори, на Македонија ѝ треба охрабрување и поддршка повеќе отколку кога и да е. Можеби очекувањата беа и превисоки, можеби владата е контаминирана со разни „нужни и ненужни зла“, но оваа е единствената што направи џиновски скокови во подобрувањето на македонските позиции во светот и ја оддалечи земјата од црните (реални) сценарија за тотален хаос и распад. Алтернативата за оваа и ваква влада е неприфатлива и за оние неколкумина што го блокираат Скопје во моментов.
Затоа, ЕУ треба да ни даде датум за почеток на преговорите за интеграција. Во меѓувреме, владата мора да ги забрза реформите, да биде порешителна и подоследна. Важно е ЕУ да ја препознае и признае посветеноста што не изостанува кај (барем дел од) политичката елита во земјава. Во моментов, владиното водство е под политичка опсада и од опозицијата и од дел од коалициските партнери кои својата (декларативна) поддршка ја трампаат за задоволување на нивните тесни интереси.
Што сѐ не чека…
Ако некој во ЕУ чита, а знам дека чита, треба да знае дека сега на Македонија итно ѝ треба финансиска и техничка поддршка за да продолжи со развојот на програмите за закрепнување од коруптивното владеење на претходната влада. Земјата е сиромашна и нестабилна и се соочува со голем број социјални и еколошки предизвици. Дефинитивно ни треба сериозна поддршка!
Понатаму, не помалку важно е големите светски демократии да увидат дека на граѓанското општество и на владата им треба поддршка во справување со етничките, верските и политичките поделби и тензии. Концептот „Едно општество“ и иницијативата за помирување во општеството на премиерот Заев имаат голема поддршка дома и имаат потенцијал да послужат како одличен модел и пример за останатите балкански земји.
На крајот, меѓународната заедница треба да продолжи со притисок врз Унгарија да го откаже своето гостопримство до Груевски. Унгарскиот премиер и владата се одговорни за сериозен удар врз Македонија, на страна порозноста на домашните институции.
Поддршката за Македонија по сите овие прашања ќе ја охрабри и владата и граѓанките и граѓаните. А, ќе го охрабри и македонското правосудство да продолжи со правната битка за пресметка со организираниот криминал од минатото и од сегашноста (ова е повеќе така, како сон…). Ете, само толку за сега…
А веќе напролет се претседателските избори, време кога сите политички валканици ќе се тркалаат уште поагресивно низ нашето секојдневие. Потоа, во мај, европарламентарните избори со сериозни импликации и по нас. Па јуни, кога го чекаме датумот од Брисел. А во меѓувреме, не е исклучено, предвремени парламентарни избори (сосе претседателските)… Кој ќе преживее, ќе раскажува или како веќе одеше таа фраза.