Кристијан Камбон: Македонија има значајна улога на Балканот

141

Претседателот на Комисијата за надворешна политика, одбрана и воени сили при францускиот Сенат, Кристијан Камбон оценува дека Македонија има значајна улога за ситуацијата на Балканот, затоа Франција со големо внимание ги следи настаните во земјава и регинотот.

– Балканот е еден регион кој имаше малку бурна историја, но мене ме интересира да гледаме кон иднината. И во диспозициите на актуелната Влада на Македонија, гледаме дека има вистинска волја да се интегрира земјата во ЕУ, односно да се прифатат нејзините принципи, методи на работа и да се развијат нејзините вредности – вели францускиот сенатор.

Камбон, притоа како пример наведува дека на патот кон НАТО, тоа е заедничка борба против тероризмот, против сектаризмот, кои треба да бидат земени предвид и поради тоа, вели, Париз е многу внимателен на тоа што се случува во тој регион на светот.

– Вие добро знаете дека со глобализацијата, мирот може да биде загрозен на два – три часа од Париз, и тоа исто така ќе се однесува на нас. Значи ситуацијата на Балканот не интересира многу и затоа ние ќе и помогнеме на Македонија – додава тој.

Разговорот што тој го водеше со заменик претседателската на македонската влада и министерка за одбрана Радмила Шекеринска за време на нејзината кратка официјална посета на Париз е потврда на интересот на Франција за Балканот и посебно за Македонија, нагласувајќи дека Париз ќе ја поддржи нашата земја во евроатлантските интеграции.

– Во рамките на Западен Балкан, Македонија има значајна улога и таа направи дополнителен чекор кон подготвувањето на своето членство како во НАТО, така и во Европската Унија. Договорот кој беше постигнат со грчките соседи, евидентно е многу важен, бидејќи тоа беше услов кој ја спречуваше земјата да напредува – оценува Камбон.

Претседателот на Комисијата за надворешна политика и воени сили при францускиот Сенат ја уверил министерката Шекеринска, дека Франција ќе ја поддржи Македонија во евро-атлантските интеграции и и предложил соработка на ниво на парламентите на двете земји

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...