Седиме со пријателот во кафеана и пиеме кафе. Разговараме за најновите случувања во нашава државичка. Никола Груевски веќе е „ветва“ тема. Како што вели пријателот, тој веќе си ја „испеа“ песната. Од прв човек, стана туѓинец. Груевски веќе е стара тема. Попресна тема за нас беше дискусијата за нацрт амандманите за промената на Уставот и за ставот на оние „избрканите“ седуммината што гласаа за подобра Македонија и кои не го послушаа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Потоа се префрливме на притворот на Јанакиевски и Божиновски и на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков. Пријателот ми вели дека сите тројца биле „жртва“ на Груевски. На ред дојде и најновата тема со откриените апарати за прислушување во Јавното обвинителство и во Судот до масата каде што седевме помина еден познаник. Без да не поздрави со иронија ни рече:
„Што мислевте вие „новиве“ ќе бидат подобри од претходните!? Не бре браќа. Исти се! Седнаа на фотељите и заборавија на ветувањата. Каде е „животот за сите!?“ А еве и тие „прислушкувале!?“ И обвинители и судии! Знаат кого да прислушкуваат. Кога „ачик“ на виделина ќе излезат работите тогаш ќе ви биде јасно дека овие се избрани само да го продадат името на нашата Македонија. Какво НАТО и ЕУ? Ништо нема од тоа! Тоа е лага, а и местото на Македонија не е кај нив! Не лажат! Сакаат само името да ни го земат, а потоа ќе ни ги удрат клоците! Ајде со здравје и на здравје нека ви е кафето. Арнина не очекувајте. Ќе видите сите кој е Мицкоски и кое е ВМРО-ДПМНЕ? Само ако се вратиме!?“
Пријателот се возбуди. Се обидов да го смирам. Не успеав. Пријателот го остави кафето на масата и стана. Со смирен глас му рече на неканетиот „гостин“.
„Слушај пријатели. Дали овие ќе бидат подобри од оние ‘твојте’, ќе видиме. Тие беа единаесет години и „пуздер“ од Македонија направија! Ништо арно не оставија. Од толку чесно што работеа сега Македонија не може крајот да си го најде. Ако сте биле големи Македонци зошто со полни торби украдени пари бегате! Знаеш ли дека Македонија за „нивното“ владеење е преполовена. Си заминаа младите и оние „асолните“! Останавме ние овде само да „ломотиме“, да кажуваме кои повеќе украл народни пари, кој повеќе зло направил. Од нас Македонија нема „аир“. А и од „бадијалџии“ како тебе нити имала ниту ќе има. Македонија била и секогаш ќе биде Македонија. Не ФИРОМ, не Северна туку кој како сака нека ја вика, она ќе си остане Македонија и сите ние освен Македонци ништо друго нема да бидеме. За жал, недај Господ ако повторно ја фатите фотељата верувај човек нема да остане во Македонија. Од „толку што ве сакаат“ сите и млади и стари ќе ја напуштат и ќе ви ја остават самите вие да си ги вадите очите!? Не знам бре што луѓе сте! Сите викаат да ја спасат Македонија, а вие не па не. Не мразеле? Името ќе ни го земеле? Ќе нѐ сотреле? Да ти кажам јас не сум ниту во нивната ниту во вашата Партија. Јас сум Македонец и сакам ова парче Македонија засекогаш и за мене и за моите внуци да остане слободно. Ти како сакаш. А сега те молам, како пријател, остави не да си го испиеме кафето на „раат“!
Неканетиот „гостин“. Најнапред како да сакаше нешто да каже но, ја се заврте и без збор излезе од кафеаната. Пријателот гледаше по него, а потоа полека седна на столот. Беше возбуден, го зеде кафето. Забележав како му трепери раката. Кога се смири ме погледна и тивко ми рече:
„Е, Македонијо, Македонијо до кога вакви „јунаци“ ќе те бранат!?