Нелсон Мандела, човекот кој белиот расистички режим на Јужна Африка го осуди на 27 години робија, стана светска икона на помирувањето. По излегувањето од затворот „Виктор Верстер“ каде што беше последните две години од својата затворска казна, по што падна и расистичкиот режим, а тој дојде на власт,Мандела не мислеше на одмазда, туку на помирување.
Нелсон Мандела и непријателите
„Ако сакаш да постигнеш мир со својот непријател, треба да работиш со твојот непријател. Потоа, тој станува твој партнер.“ –пишува Мандела во своето автобиографско дело „Долгиот пат до слободата“. Тоа што го рекол и напишал, тоа и го правеше целиот свој живот и како државник и како активист за помирување во својата земја и во светот.
Махатма Ганди, Мартин Лутер Кинг и Нелсон Мандела се пример и инспирација за ненасилен отпор против насилничките режими, отпор по кој секогаш имало потреба довчерашните противници да седнат заедно на маса и да ја скицираат иднината на општеството. Колку и да изгледа невозможно тоа, помирувањето е можно. Тоа го покажаа и докажаа со свој личен пример, со своите лични жртви и одрекувања.
Македонија и помирувањето
Мандела бил на тешка робија отприлика колку што Македонија е независна држава. И најде сили во себе да мисли на помирување, а не на одмазда поради тоа што најубавите години од животот ги помина во ќелија, долги години и во самица.
Има ли Македонија сили да се надмине себеси и да тргне по патот на мирот и помирувањето? Овие денови, по повикот што премиерот Заев го упати до „левата и десната страна“ во парламентот да си подадат рака, изгледа има шанси да се случи тоа. Се разбира, јас сум меѓу првите што кажа „Не во мое име!“ – мислејќи на амнестијата што и тогаш се наѕираше, а и сега е во оптек како идеја.
И сега сум убеден дека помирувањето како процес не смее да се доведува во врска со амнестијата, особено не на оние што го планираа и спроведоа нападот на тој начин што ги загрозија животите на сите што беа во парламентот на тој грозен 27-ми април 2017 година. Но, тие што беа жртва на манипулација или притисок (преку закани или бланко меници, на пример), доколку се покаат и соработуваат со истрагите, треба да бидат составен дел од процесот на помирувањето.
Од темпирана бомба до регионални лидери
Македонија има голема шанса да појде напред. Интеграцијата во НАТО и ЕУ, преку уставните измени и спроведувањето на процесите за подобрување на односите со соседите е еден дел од тоа. Но интеграција со модерниот свет секако мора да оди со интеграција внатре, во нашава ни Македонија. Концептот „Едно општество за сите“ не смее да остане само парола. Веќе до тука има премногу работа, но реформите мора да продолжат, бидејќи само така ќе се вратат владеењето на правото и демократијата. И помирувањето!Преку кажување на вистината, одрекување од насилството и подавањето рака. Тоа е патот.
Имаме шанса, од темпирана бомба, да станеме лидери во регионот потресен од криминал, раздор и насилство што го спроведуваат политичките елити. Да се трансформираме како општество и како такви да им ја поматиме сметката на малите диктаторчиња на Балканот и пошироко, до Орбанистан, па и уште подалеку. Како што станавме познати по сплотеноста за време на ненасилниот отпор против криминалецот Н.Г.
Иницијативата на балканскиот Ганди (или Мандела)
Балканскиот Ганди (или Мандела) го иницираше помирувањето во клучен момент за Македонија, но тоа не може и не смее да запре тука. Ниту, пак, да заврши со седниците на Интерпатиската парламентарна група за интеграција, реформи и помирување. Има надеж дека духот на помирувањето ќе се излее надвор од конференциските сали, особено ако ја преслушаме изјавата на Заев во петокот (30 ноември).
Во меѓувреме, дознавам дека токму еден дел од осумтемина парламентарци на ВМРО-ДПМНЕ што ги поддржуваат уставните промени покажале волја да учествуваат во надминување конфликти меѓу различни групи и заедници во општеството. Може да се решаваат конкретни проблеми, вклучително и конфликтни ситуации меѓу различни политички опции на локално ниво, на пример, како што речеЗаев. Примерите и задачите може да се редат до недоглед. На пример, може да се очекува парламентарците да дадат придонес кон помирување меѓу навивачките групи или да застанат во одбрана на правата на маргинализираните заедници кои често се жртви на предрасуди, дискриминација и насилство.
Ќе биде фер и коректно да се обидеме да му дадеме шанса на помирувањето, да покажеме дека веруваме во искреноста на политичарите, барем на почетокот. Тоа значи да ги охрабриме, да ги поддржиме и да помогнеме во тој процес, секој од нас, на било кое место во општеството да се наоѓаме. И, се разбира, будно да го следиме процесот.
Најважно е процесот на помирување, со кој се зафати и премиерот и собраниското тело, да биде суштински и искрен. Институциите мора да се консултираат и да ги вклучат сите што страдаа(т) од поделбите, стигматизирањето, дискриминацијата и насилството што беа основна одлика на времето на режимот, но и по него, до мигот кога ова четиво излегува од под моите прсти. Да ги држиме за збор, но и да се вклучиме.
Секој од нас.