Косовскиот вицепремиер Енвер Хоџај изјави за хрватскиот „Вечерњи лист“ дека во Македонија, Хрватска и Црна Гора зборувал за основање на „пакт против Србија“.
„Вечерњи лист“ имено, во општиот текст, во резимето на случувањата почнувајќи од неуспешниот обид за приштинските власти да влезат во Интерпол и нивните одлуки, да, како што наведува, „го возвратат ударот“ и да воведат такси од 100 отсто на стоката од централна Србија, како и понатамошното апсење на четворицата Срби во северниот дел на Косовска Митровица, наведува дека „косовскиот премиер Рамуш Харадинај бил јасен кажувајќи дека српскиот претседател Александар Вучиќ не разбира никаков друг јазик освен јазикот на силата и уверен е дека единствено со сила може да се принуди да ја признае независноста на Косово“.
– Србија ја продолжува агресивната кампања против Косово на меѓународен план. Таа исто така го минира и процесот нанормализација. За да ги заштити нашите интереси, Владата на Косово одлучи да ги зголеми таксите. Новите мерки наскоро ќе бидат објавени – посочи Хоџај за „Вечерњи лист“.
Тврди дека „Србија не сака само дестабилизација на Косово, туку и на целиот регион“.
– Тоа на сите им е јасно. Кога не предизвикува криза на Косово, тогаш ја предизвикува со Хрватска или пак си Македонија или Црна Гора. Србија има добри односи само со Република Српска и со никој друг. Зарем тоа не е чудно? Во неколку наврати, за време на престојот во Хрватска, Македонија и Црна Гора, зборував со лидерите на тие држави да основаме еден пакт кој би и се спротивставил на Србија и на нејзината агресивна политика – истакна косовскиот вицепремиер.
Наведе оти верува дека „идејата за голема Србија се уште не е умрена и дека се уште е во воздух“.
– Европската унија и САД мораат да сфатат во која насока оди Балканот и каков ќе биде за десет години. Особено Босна и Херцеговина, Косово и Македонија. Ако ЕУ и Западот не ја сфаќаат опасноста на српската политика во тој дел на Балканот и ништо не преземаат околу забрзување на процесот на евроинтеграција на тие земји, никој не знае што ќе се случи со Косово, Македонија, а најмногу со Босна и Херцеговина – додаде Хоџај.
Посочи дека „за жал, ЕУ погрешно ја чита ситуацијата“.
– Србија никогаш не се откажа од припојување на Република Српска со Србија. Тоа во неколку наврати го изјавија и нејзините високи претставници. За разлика од БиХ, Косово е далеку во подобра позоција бидејќи 90 отсто од жителите на Косово се Албанци. Имаме алтернатива бидејќи наша соседна земја е Албанија. Доколку некој мисли дека игра регионална валкана игра, мора да знае дека повеќе не сме слаби. Тоа што Вучиќ игра околу разграничувањето и замената на територии, неговата цел не е Косово, тука Босна и Херцеговина, односно Република Српска – рече Хоџај.
Тврди дека „кога Вучиќ зборува за северно Косово, тој мисли на Република Српска“.
– Република Српска е два-три пати поголема од Косово и економски е појака од Косово. Во северниот дел на Косово живеат 30.000 Срби, на целата територија на Косово нема повеќе од 70.000 Срби, а во Република Српска живеат меѓу милион ипол до два милиони. Разграничувањето, односно размената на териториите, би ја отворила Пандорината кутија и Вучиќ сигурно би ја припоил Република Српска кон Србија. Поради тоа сите ние во регионот мораме да бидеме внимателни и да соработуваме заедно – заклучи Хоџај.