Почина академик Иван Катарџиев

1129

Денеска почина академик Иван Катарџиев, редовен член на Македонската академија на науките и уметностите, соопшти денеска МАНУ.

Академик Катарџиев е еден од основоположниците на македонската историска наука и еден од највидните македонски историчари. Предмет на неговиот научен интерес е историјата на македонскиот народ во последниве два века, а посебно историјата на национално-ослободителното движење и борбите за слобода и самостојност на македонскиот народ. Тој се смета за еден од најдобрите познавачи на македонската историја од крајот на 19 и од првата половина од 20 век. Автор е на повеќе од 20 монографии од кои некои се објавени на странски јазици. Објавил девет тома зборници на документи, а под негова редакција објавени се шест книги спомени и публицистика. Насловот на неговиот последен труд е „Од Пирин до Скопје“ објавен во МАНУ 2018 г. Покрај наведените трудови тој е автор и на повеќе од 200 статии, реферати, есеи, фељтони, критики и рецензии објавени во земјата и во странство.

Академик Катарџиев е роден на 6 јануари 1926 г. во с. Плоски, околија Сандански, во Бугарија. Основно образование завршил во родното село, а средно во Св. Врач, денес Сандански. Во 1946 г. за потребите на културната автономија на пиринскиот дел на Македонија, е испратен на студии во Скопје каде се запишал на Катедрата за историја на Филозофскиот факултет. Во учебната 1948/49 г. своите студии ги продолжил на Универзитетот во Загреб каде го посетувал и курсот по старословенска филологија кај професорот Владимир Мошин. Поради случувањата поврзани со Резолуцијата на Информбирото од јуни 1948 г. бил принуден да се врати во Скопје, каде ги продожил своите студии. Дипломирал на Филозофскиот факултет во 1951 г., а во учебната 1951/52 бил професор во гимназијата „Јосип Броз Тито“.

Во 1953 г. се вработил како асистент во Институтот за национална историја. Докторирал во 1959 г. на тема „Серската област (1780 – 18789. Економски, политички и културен преглед“. Во Институтот работел во периодот од 1953 до 1967 г. каде бил избран во сите соодветни научни звања. Во 1961/62 г. како стипендист на француската влада престојувал во Париз каде посетувал предавања на Сорбона и работел во Архивот на Министерството за надворешни работи на Франција. Од 1967 до пензионирањето во 1987 г. бил: член на Извршниот совет на СРМ (1967-1969), пратеник во Соборот на народите на Собранието на СФРЈ (1969-1974), директор на Народната и универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ (1973-1978), советник во Извршниот совет на СРМ (1978-1987), претседател на Матицата на иселениците на Македонија (1987-1992) и др.

Член е на редакцијата на тритомната Историја на македонскиот народ (1969) и автор на втората книга, член на редакцијата и автор на кратката верзија на Историјата на македонскиот народ (1976) објавена и на неколку странски јазици, член на редакцијата на петтомната историја на македонскиот народ и автор на четвртиот том. За заслугите во областа на историските науки добитник е на следниве наградии: „11 Октомври“ (1968), „11 Октомври“ за животно дело (1988), „13 Ноември“ (1978), „Гоце Делчев“ за колетивен труд (1985), „Гоце Делчев“ за самостоен труд (1987), како и на следниве одликувања: Орден на трудот со златен венец, Орден на трудот со црвено знаме и Орден заслуги за народ со златна ѕвезда.

За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 27 мај 2003 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...