Во дебатата по нацрт-амандманот XXXIII на Уставот на Република Македонија премиерот Зоран Заев ја повика опозицијата на одговорност и побара да ги поддржи амандманите бидејќи друга опција освен влез во ЕУ и НАТО нема. Тој повтори дека доколку Грција не ги исполни своите обврски со прифаќање на Договорот од Преспа и Протоколот за НАТО, амандманите нема да важат.
Според Трајчо Димков од ВМРО-ДПМНЕ, не поминува намерата на СДСМ дека привремената референца ФИРОМ се заменува и потенцираше дека со промена на името на Република Македонија во Република Северна Македонија ќе има нова држава и нов идентитет. Тој исто така посочи дека во овој период од владеењето на СДСМ нема резултати, ниту проекти, ниту „животот“ што го ветуваше власта.
– Не верувам дека не ве копка иднината на својата држава – му реплицираше Заев на Димков, повторувајќи дека земјата и јазикот ќе бидат признаени од сите, а Македонија ќе стане дел од сите меѓународни институции.
Во однос на Македонците во Грција и во Бугарија, премиерот посочи дека за нив, особено за Егејците, не е направено речиси ништо во изминатите 27 години од независноста на Македонија, и дека сега со овој договор има шанси македонскиот јазик да се изучува во Грција.
Премиерот во една од контрарепликите на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека не може партија како неговата да нема став и оти со овие амандмани конечно ќе имаме признаена држава од цел свет и оти никој нема да го оспорува македонскиот народ и македонскиот јазик.
– Сте за ЕУ и НАТО, ама не сте за Договорот од Преспа. Не може да нема став опозицијата – рече Заев.
Пријавени за збор за ово амандман се околу четириесетина пратеници.