Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива одржа инфо сесија на тема „Предлози и измени на Законот за инспекциски надзор“ на која четирите комори партнери во проектот, го презентираа новиот предлог на Закон за инспекциски надзор.
Едно од главните барања на деловната заедница во изминатиот период беше воспоставување на систем на работа на инспекциските служби со точно утврдени акти, поделени по сектори за тоа која документација е потребно да ја поседуваат компаниите како би се овозможило саморегулација на компаниите, со цел да се превенираат репресивни мерки и казнувања. Дополнително, побарано е да се стави акцент на едукативната и советодавна улога на инспекциските служби, пред санкционирање.
– Превенција и едукација, па потоа санкција, модернизирање на инспекциските служби и зајакнување на нивните капацитети и пред се создавање на систем со јасно дефинирани правила кои ќе важат и ќе се почитуваат подеднакво во сите компании е предуслов за подобрување на квалитетот на инспекциската контрола. Потребно е да се промени перцепцијата за инспекциска контрола, компаниите да не стравуват дека ќе бидат санкционирани кога ќе дојде инспектор во контрола, туку напротив инспекторите да бидат еден вид регулатори и во функција на подобрување на работата на компаниите – изјави Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија.
Според министерот за информатично општество и администрација Дамјан Манчевски, во досегашното постоење инспекцискиот совет не придонел за остварување на целите заради кои беше формиран, а инспекциските служби се преоптоварени со обврски од административна природа кон советот.
– Инспекцискиот надзор мора да престане да биде механизам за полнење на буџетот. Инспекцискиот наздор мора најпрвин да има советодавна улога. Субјектите најпрвин да добијат опомена и рок да ја отстранат неправилноста, пред да се изрече казна. Само на таков начин инспекцијата нема да се доживува како репресија. Овие измени на законот, конечно го предвидуваат тоа. Од ова голема корист ќе има бизнис заедницата – рече Манчевски.
Oпомената, како вид на инспекциска мерка, треба да биде задолжителна, наместо досегашните изречени мерки кои беа базирани врз субјективен пристап на надзор, проблем кој е воочен од резултатите кои произлегоа од анкетите во приватниот сектор, спроведени во рамки на проектот.
Кон ова се додава и неоходноста за ставање на реални рокови за отстранување на неправилност, бидејќи често документацијата која треба да се приложи зависи од административни процедури.
Неодамна како дел од агрегатниот портал biznisregulativa.mk беа објавени листите за проверка преку кои компаниите со неколку чекори имаат можност да извршат самооценување на нивната правна усогласеност во областите во кои работат – линк www.biznisregulativa.mk