Мојот комшија е полош од твојот комшија

Национализмот во емотивно-вредносна смисла е во војна со целокупното опкружување, ама сепак: токму поради тоа сака да има еден „исклучок“ во близина, само за да докаже дека проблемот не е во него, туку во тие проклети „други“.

558

Искуството (или интуицијата?) ме научи дека во „локална“ и во „геополитичка“ смисла, национализмот умее чудно да первертира, дури да отиде до пароксизам, односно да отиде и до космополитизам. Како, бре, сега тоа?! Па, убаво! Од агол на „честит“ националист, „другиот“ не мора нужно да биде непријател, дури умее да биде близок и драг, само со еден исклучок: да биде доволно далеку. Штом „другиот“ е далеку, штом нам ни е поапстрактен и изместен од видикот на нашето секојдневие, па дури и поизместен од нашата помпезна историја, така на срце ни е поблизок, или барем немаме никаква јанѕа oколу него.

Да ги земеме секојдневните македонски наративи: „Русите ни се дар од Бога(!), штета е што се подалеку“. А, пак, Kинезите? Срцки, на лепче да ги мачкаш. Море, кога човек подобро ќе размисли, не се лоши ниту Папуанците! А, пак, Србите, Бугарите, Грците, Албанците, Ромите – Господ да чува! Ех, да имавме подобри комшии, којзнае какви луѓе денес ќе бевме. Исто е и со другиот вид национализам, само што со нив играат Русите и Кинезите, Турците, Германците или Американците, додека Албанците, Црногорците, Бугарите, Србите и Грците играат пред, да речеме – Македонците.

Нови соседи

Постоеше еден чичко, сатиричар, му го заборавив името, а ќе го објаснам според сеќавање: имено „чичкото“ измисли друштвена игра преку која ќе го реши горливиот и сеопшт проблем така што изработи алтернативна мапа на Европа, ги претумба народите, нациите и државите според системот што го смисли; Финска да се граничи со Грција, а Ирска со Молдавија, да речеме.

Или симплифицирано: не ви се допаѓаат соседите, нема проблем – еве ви тогаш нови! Се разбира, кога тоа би било можно, набрзо тие кои до вчера ни беа далеку, а денес ужасно блиску, ќе ни станат многу помалку привлечни… Сакам да ви кажам дека национализмот не е ништо друго освен обид за истовремена рационализација и мистификација на тривијалниот човечки егоизам: тоа што „несмасниот“ комшија вам ви прави преку прозорец, така на „општо“ ниво национализмите си прават едни на други. На другата страна се наоѓа митот за „добриот сосед“; да, национализмот во некоја смисла е перманентен, ако не е вооружен, тогаш барем во емотивно-вредносна смисла е во војна со целокупното опкружување, ама сепак: токму поради тоа сака да има еден „исклучок“ во близина, само за да докаже дека проблемот не е во него, туку во тие проклети „други“ кои се премногу грозни, а проклето преблизу, а ако беа подобри, и ако беа подалеку, сè ќе беше во ред…

За македонскиот „исклучок“, најрепрезентативен пример е Словенија: ете, со Словенците никогаш сме немале проблем, не нè задеваат, не ги задеваме! Овие зборови ги имам слушнато милион пати низ ехата на моите сограѓани. Настрана што во бившојугословенската република бевме сонародници. Еве еден парадокс: од аголот на „просечен Македонец“, Словенија е наша комшиска земја, ама сепак во просторна смисла ужасно далечна и апстрактна; за неа практично ништо не знаеме, тамо ретко патуваме, не ни ниту транзитна земја за кој било правец, нејзиниот јазик не го разбираме ниту во самогласки, а за нејзината култура знаме срамно малку (а тоа „срамно малку“ значи дека се работи за деградирачки стереотипи). Значи, станува збор за една слепа дамка, невидлив сосед, нешто слично како комшија кој – да продолжам со онаа „солитерската метафора“ – никогаш не е дома, па не го ни забележуваме, а со самото тоа немаме ништо против него.

Македонија, Унгарија и Груевски

Очигледно ме разбирате: сево ова го пишувам поради внимателноста што мора да се има предвид заради „случајот Груевски“ и можната дипломатска „рампа“, барем додека се создава овој текст, која стои помеѓу Унгарија и Македонија; знаете и сами дека нашето зацврстување на европскиот пат, покрај останатите земји, ќе зависи и од поддршката на Унгарија за влез на нашата земја во европското семејство. Не верувам дека Унгарија ќе направи проблем, но сепак, случајот е на многу нивоа проблематичен.

„Заплетот“ настанува околу третманот – не толку граѓански колку што е политички – македонскиот национализам во изминативе години не беше во можност да ги остри забите со нив, затоа што Унгарците не ги гледаше како конкуренција, туку тие за нас се еден вид „етнокултуролошка бизарност“: Унгарците за нас се нешто како мештани со шубари што имаат воденици и мелници што се наоѓаат покрај реки, или тоа се оние селани што во текот на зимата облекуваат застрашувачки маски за да ја набркаат ладната зима, или можеби за да ги набркаат Турците, како што стои во народните преданија.

Но, денес ситуацијата помеѓу Македонија и Унгарија е обратна: правото на азил е специфично „животно“. Имено, Груевски бара заштита во друга држава поради прогон од својата држава. На што ќе излезе сета работа, на тоа прашање невозможно е да се одговори. Но, едно е извесно: кармата со бегалците му се врати како судбина. Груевски во Македонија населението го плашеше со бегалци – типична фашистичка нарација – мигранти што ќе дојдат да ни ги земат нашите работни места; никој на Груевски не му се лути во оваа земја затоа што е „Никола Груевски“, туку му се суди затоа што од позиција на премиер правеше сериозни злосторства и сериозни кривични дела.

Денес, на штета на сите бегалци што Орбан им ги затвори sидовите, денес ги отвори за оние што на своите луѓе во својата земја, на свој трошок, им направи толку многу sидови и бариери, што ќе биде револуционерно тешко сите за брзо време да се урнат.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...