Макрадули: Кај Холидеј ин нема да се гради додека има мораториум на ДУП-от

Во овој момент, тој ДУП има мораториум и согласно тоа, во овој момент не постои начин како да се издаде дозвола за нешто што е во рамки на некој план кој има мораториум, рече Макрадули.

309
foto Plusinfo

Сигурен сум дека објектите кај Холидеј ин нема да се градат, бидејќи општина Центар има мораториум на градби, изјави заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули, за време на денешната посета на Цементарница УСЈЕ во рамки на отворениот ден на компанијата, запрашан како ќе реагира Министерството на изградбата на високатници на просторот.

– Според изјавата на градоначалникот на Општина Центар не мислам дека е се поизвесно градењето на висококатниците. Во овој момент, тој ДУП има мораториум и согласно тоа, во овој момент не постои начин како да се издаде дозвола за нешто што е во рамки на некој план кој има мораториум – рече Макрадули.

Макрадули рече дека се обезбедува, сега веќе законски со Законот за градба обезбедување на зеленило при секоја изградба на објекти.

– Правилникот е готов. Останува министерот да го потпише и ќе  биде објавен деновиве. Така што задачата на министерството да се грижи за бројот, површината и зеленилото ќе биде спроведувано согласно закон – додаде Макрадули.

Тој се повика на официјалните анализи според кои главни причинители за загадувањето во Скопје и Битола се домаќинствата кои се греат на дрво со примеси на најразлични други енергенси.

– Може да се зборува и за мустаќите на заменик-министерот и за фотомонтажите, но она што е реалноста и науката го вели тоа, дека во Битола и во Скопје за загадувањето е виновно домашното затоплување. За жал, многу граѓани не од тоа што сакаат, туку заради социјалниот статус користат извори на затоплување кои не се еколошки. Тоа е наша задача, со средства од буџетот со партнерски однос со компаниите да им ги замениме, да не ги ставаме во дополнителен трошок – рече Макрадули.

Тој ги повика компаниите да се вклучат во процесот на замена на енегренсите за греењето на училиштата од мазут на други еколошки подобри горива.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...