УСЈЕ: Од оџаците излегува пареа, емисиите на прав се далеку под дозволените

Хрисафов рече дека УСЈЕ нема што да крие и да се обидува да манипулира со податоците за емисиите на прашина и гасови, бидејќи работи според најстрогите европски стандарди кои дозволуваат емисии на штетни материи во воздухот далеку пониски од оние кои со закон се дозволени во земјата.

691
foto Plusinfo

Чадот што деновиве излегува од оџаците на цементарницата УСЈЕ, а кој ги загрижува граѓаните, е пареа која се создава поради кондензацијата на гасот кој излегува од филтирите, изјави денеска на отворениот ден за граѓаните, главниот извршен директор на компанијата, Борис Хрисафов.

– Пареата се создава само во зимскиот период, а во лето такви чадови нема – рече Хрисафов.

Тој рече дека УСЈЕ нема што да крие и да се обидува да манипулира со податоците за емисиите на прашина и гасови, бидејќи работи според најстрогите европски стандарди кои дозволуваат емисии на штетни материи во воздухот далеку пониски од оние кои со закон се дозволени во земјата. Тој ги повика граѓаните во секое време да ја посетат цементарницата и да се уверат во податоците.

– Процесот е автоматизиран и доколку филтрите кои се најсовремена технологија во областа не функционираат, софтверот автоматски го запира целокупното производство. Тоа е гаранција дека нема емисии над дозволените граници. Во процесот на производство ние вршиме контрола на емисиите од минута на минута и на 30 минути и на крај од денот ги имаме дневните емисии – појасни тој.

УСЈЕ, додаде тој, досега еднаш месечно ги објавуваше податоците на емисии. А во нареднот период ќе ги објавува еднаш неделно. Дополнително, компанијата има ангажирано независна компанија која врши контрола на емисиите а посебни контроли врши и Инспекторатот за животна средина. Споредбените податоци покажуваат дека емисиите се далеку под дозволените.

– Со објавувањето на податоците секоја недела ќе дадеме можност за уште поголем увид. Веќе неколку години нашите капии се отворени за секој што сака и лично да се увери во аргументите – за нашите соседи, граѓаните на Скопје, за невладиниот и граѓанскиот сектор. И во овој наврат, го покануваме да нѐ посети секој што сака да добие каква било информација – рече Хрисафов.

Новинарите кои присуствуваа на Отворениот ден во контролната соба беа сведоци на постапката за следење на штетните емисии. Во моментот на нивното присуство околу 12 часот тие за прашината беа далеку под законски дозволените и прифатени од компанијата.

На Отворениот ден на УСЈЕ денеска присуствуваше и заменик министерот за животна средина Јани Макрадули и претставници на Државниот инспекторат за животна средина.

Макрадули рече дека отвореноста на УСЈЕ за информации за граѓаните е добар пример преку кој можат да се разбијат стереотипите во размислувањето за тоа дека индустријата мора да загадува.

Тој ги повика компаниите да ја покажат општествената одговорност и да помогнат во промената на системот на греење во градинките и училиштата преку партнерски однос со Владата.

Наташа Бакреска Кормушовска, која е раководител на секторот за животната средина во УСЈЕ, рече дека пред неколку години компанијата поставила вреќест филтер кој не само што го прочистува воздухот кој излегува од оџаците на УСЈЕ од прашината, туку и придонесува да не се губи произведениот цемент и тој се враќа како готов производ.

– Со цел да се следи влијанието врз животната средина, пред повеќе од 12 години во Цементарница УСЈЕ е поставен независен автоматски систем за мониторинг на емисиите во воздухот (прашина, SO2 и NOx). Со него, стационарните извори на емисии во фабриката се следат 24 часа 365 дена во годината, а податоците во секое време се мониторирани од надлежните органи во државава – рече Бакреска Кормушовска.

Според неа, сите фази на овој независен мониторинг – мерењата, влезниот сигнал и пресметката на параметрите, се целосно автоматизирани и компанијата нема можност на каков и да е начин да влијае врз крајните резултати. Производител на опремата е SICK – Maihak од Германија, а одржувањето и калибрацијата на инструментите го врши надворешна компанија, акредитирана, паралелно, и од производителот и од Институтот за стандардизација на Република Македонија (ИСРМ).

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...