Најмалку две години се прислушувале телефоните во Обвинителството

687

Најмалку две години се снимаат разговорите на фиксната телефонија во барокната зграда на Јавното обвинителство на Република Македонија, а за тоа Основното јавно обвинителство Скопје отворило предистражна постапка, брифира републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески на денешната средба со новинарите.

На двата хард диска во централата се пронајдени сите телефонски разговори од 30 септември 2016 до денес, кои биле водени во Обвинителство внатре и оние повици кои доаѓале и оделе кон надвор од фиксните телефони.

– Најстариот снимен разговор е од 30 септември 2016, а последниот е сега – рече Јовески.

Предистражната постапка треба да утврди дали некој од надвор ги користел односно злоупотребил податоците, дали телефонските разговори се изнесени надвор и со која цел, кој сѐ имал пристап до централата итн.

Обвинителството ќе истражува и дали се снимале разговори пред 30 септември 2016, односно уште од 2013 година откако е пушта во употреба новата зграда во барокен стил на кејот на Вардар во центарот на Скопје. Тогаш е и инсталирана телефонската централа.

Во таа зграда се сместени Основното јавно обвинителство Скопје, Вишото и Републичкото обвинителство.

Ќе се истражува и дали се снимале разговори во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција кое е сместено во друга зграда.

Во интерес на предистражната постапка, од обвинителството не соопштија повеќе детали за тоа како е откриено дека се снимале разговори, дали и кој е сослушан или ќе се сослуша за овој случај и други детали.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...