Град Скопје ги повика граѓаните да пријават диви депонии

Градот Скопје ги повикува и граѓаните да се вклучат во оваа акција и да придонесат за почисто Скопје.

397

Градот Скопје оваа пролет ќе организира акција за чистење на јавните површини и за миење на градските улици. Акцијата ќе ја спроведат јавните градски претпријатија „Комунална хигиена и „Паркови и зеленило со своите работници и расположливата механизација. Градот Скопје ги повикува и граѓаните да се вклучат во оваа акција и да придонесат за почисто Скопје.

– Ги повикуваме и нашите сограѓани да придонесат во акцијата и да ни помогнат да ги лоцираме дивите депонии во градот. Од денеска, сите совесни граѓани можат да пријавуваат диви депонии до Град Скопје со испраќање фотографија и локација на депонијата преку вибер на бројот 070 270 557 или со порака на нашата официјална фејсбук страница – Град Скопје. Сакам да ја искористам оваа пригода и да ги повикам и сите општествено одговорни компании и институции да ни се приклучат и да ни помогнат со својата механизација за почисто Скопје, бидејќи Скопје е заеднички дом и треба заедно да го чуваме – рече на денешната прес-конференција портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху.

Градот Скопје и во текот на изминатата есен организираше акција за чистење на јавните површини. Во таа акција беа собрани и отстранети над 3.000 кубни метри смет.

– Со мотив и идеја градот да биде почист, наша цел е ваквите акции да станат редовна пракса, одржувајќи ги улиците постојано чисти во град без диви и нови депонии – нагласи Салиху.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...