Борбата меѓу адвокатската и нотарската фела за која иницијална каписла се најавените измени на Законот за нотаријат продолжува со медијација на Владата.
Премиерот Зоран Заев на 13.03.2018 изјави дека Предлог-Законот за измени и дополнувања на Законот за нотаријат ќе претрпи измени бидејќи како што вели тој „во еден дел сигурно се во право адвокатие, а во дел сигурно се во право нотарите“. Сметам дека не се работи за делумна правичност на двете страни во овој судир. Напротив, во прашање е рушењето на уставните начела кои се однесуваат како на судскатат власт, така и на адвокатурата како единствена јавна служба која е овластена да дава правна помош на граѓаните.
Ако „главна грижа на Владата“ е да ги намали издатоците кои граѓаните ги плаќаат на нотарите, според постоечките законски решенија, тогаш реализацијата на ваквата намера не може да се овозможи со измените и дополнувањата на постоечкиот Закон за нотаријатот.
Целта на борбата на адвокатите не е да се изборат за парче од колачот, па да замолчат.Тие настојуваат да се изнајдат решенија кои ќе бидат во согласност со постоечките уставни и законски начела кои ќе бидат во полза на граѓаните, но нема да бидат на штета на адвокатите. Адвокатите предлагаат да се намалат трошоците на граѓаните на чиј грб досега дебело профитира една привилегирана група на нотари.
Изјавата на Премиерот „да се овозможи еднаква шанса на сите оние кои ги исполнуваат законските услови(а тука спаѓаат секако и адвокатите, н.з.), во фер натпревар согласно Уставот и законите во Р.М. да добијат шанса за заработка и сето тоа да резултира со пониски трошоци за граѓаните“ е на иста релацијата за која се залагаат и адвокатите.
За да се реализираат овие цели, мора да се изгради нов концепт на Законот за Нотаријат, а не да се подобрува досегашниот. Секоја иницијатива за подобрување на постоечкиот закон претставува само губење на време и енергија бидејќи резултатите од постоечкиот концепт ги почувствувавме сите.
Настојувањето на Владата да го подобри Законот за нотаријат се коси со Катоновото начело кое вели дека „она што криво ќе се роди, времето не може да го исправи“.Во овој случај, она што е противуставно не може да биде отстрането со корекции.
Противуставноста на Законот за нотаријатот се огледа во сверата на доделените надлежности, како и во нивната монополска положба.
На нотарите им се дадоа овластувања кои може да се доделат само со закон кој се носи со двотретинско мнозинство во собранието на Р.М.. Нотарите добија овластувања кои со Законот за судовите, како системски закон, се исклучиво во надлежност на редовните судови.
Со тоа, постоечкиот Закон за нотаријат на мала врата го заобиколи членот 98 став 5 од Уставот.Тука во прв ред се мисли на овластувањата што ги добија нотарите да донесуваат Решенија за платен налог кој како надлежност на судовите е регулиран во членовите од 417 до 428 од Законот за парничната постапка како системски закон.
Повредата на овој системски закон ќе биде уште поголема ако се прифатат предложените измени на Законот за нотаријат каде се предвидени и нови видови на веродостојни исправи кои не ги познава Законот за парничната постапка. На тој начин им се овозможува на нотарите да дозволат извршување на акт кој не би се дозволил во судска постапка. Со тоа, овластувањата на нотарот ќе станат поголеми од оние на судот.
Овие аргументи се однесуваат и на отстапената надлежност од редовните судови со која на нотарите им се даде овластување за водење на оставински постапки.
Ако веќе нотарите се унапредија во повереници на судот, зошто тогаш нив не ги именува Судскиот совет,туку Министерот за правда. Зошто нотарите имаат право да наплатат награда, ако за истата работа судот нема такво право.
Создавањето на монополската положба е противзаконска активност која се казнува. Поставеноста на нотарите создадена со начинот на изборот, именувањето и назначувањето по територијален принцип како и начинот на наградување како државни службеници, кои исклучиво се надлежни да вршат правни услугите на граѓаните во прометот со недвижности, прави од нотарите монополистичка дружина што не гарантира дека изнесените намери на Премиерот се остварливи.
Овие сериозни аномалии во постоечкиот концепт на функционирањето на нотаријатот во Република Македонија мора да претрпи суштински промени. Само на тој начин ќе може да дојде до реализација на посакуваните цели на Владата. Затоа ги подржувам целите на Владата, но не се согласувам со начинот како може да се дојде до нивната реализација.
Адвокат и поранешен судија Раде Јовчевски