Игор Југ распали на мајчин јазик во судница: Мунире јаране, биќу кратак

8602

Во текот на распитот на обвинетиот Мунир Пепиќ, вработен во Агенцијата за разузнавање, за прашање се јави обвинетиот Игор Југ.

– Господине Пепиќ, прво ќе ви се обратам на мајчин јазик, рече Југ и продолжи: Мунире јаране… само пар минута, биќу кратак.

Тоа предизвика смеа кај присутните, а Пепиќ му одговори дека негов мајчин јазик е македонскиот, а Југ го постави првото прашање.

– Рековте дека во Собранието сте следеле НН лице. Дали НН лицето претставувало опасност по безбедноста на државата? – праша тој.

Пепиќ одговори дека секое лице следено од Агенција за разузнавање нормално е дека се следи поради опасност по безбедноста на државата.

Југ го прашуваше и дали во Собранието имало агенти од странски служби, а македонските безбедносни структури биле свесни за тоа, но по приговор на адвокатот прашањето не доби одговор.

Инаку, за НН лицето кое Пепиќ рече дека го следел на 27 април, друг обвинет, Александар Василевски Нинџа праша дали станува збор за Горан Живаљевиќ од Безбедносно-информативната агенција (БИА) на Србија. На тоа тој одговори дека станува збор за активности на Агенцијата за разузнавање и класифицирана информација и оти не може да открие без дозвола од негов претпоставен.

На крај од распитот на обвинетиот Мунир Пепиќ, за првпат за прашање се јави актерот Владо Јовановски.

– Ќе се согласите ли со мене дека тоа НН лице кое сте го следеле не сум јас? – праша Јовановски во шега.

– Уште од мал ги имам следено сите ваши филмови. Вие сте од една „моја чудесна земја Македонија”. Не сте вие тоа НН лице – возврати Пепиќ.

Со распитот на Пепиќ заврши денешното рочиште кое започна во 10 часот утрово.

Ново рочиште треба да се одржи веќе утре. Судскиот процес е во фаза на сослушување на сведоци и изведување докази предложени од одбраната.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...