Пратеникот Влатко Ѓорчев во неговото денешно сведочење на рочиштето во Кривичниот суд за случајот со настаните од 27 април го замоли судот да има милост за обвинетите.
– Би сакал да кажам една работа која ми лежи на срце: Го молам и го замолувам судот за милост и човечнос спрема овие луѓе. Како што на ист начин молев и замолував на 27 април да не се тепаат луѓе и сега молам и замолувам да не се отиде предалеку со овие луѓе затоа што овие луѓе, исто како и тие што беа тепани на 27-ми, имаат семејства. И кога сето ова еден ден ќе заврши, кога ќе имаме 60 или 70 години ќе треба „добар ден” да си кажеме на улица. Молам и замолувам за милост и човештина и да нема веќе жртви од 27 април – зборуваше пратеникот, кога неговото излагање бурно го прекина обвинителката Вилма Русковска.
– Судија, викнат е во својство на сведок и вие веќе му посочивте дека ова е судница, а не собраниска говорница. Викнат е овде да каже што слушнал и што видел на 27 април – рече Русковска.
По ова Ѓорчев не продолжи со неговото обраќање кон судот, а Кацарска како и на други пратеници кои порано сведочеа му рече дека тие забораваат каде се наоѓаат, но му даде и комплимент.
– Со оглед дека сте правник би биле одличен адвокат на обвинетите за 27 април – рече Кацарска.
Како што веќе информиравме, Ѓорчев е повикан да сведочи од страна на одбраната на обвинетиот Мунир Пепиќ.
Тој кажа дека Пепиќ помагал во спасувањето на пратениците односно во нивното пренесување. Како лица кои помагале и да се смири ситуацијата на 27 април лани во Собранието ги посочи и Борис Дамовски и Владо Јовановски. А, за Богдан Илиевски Бетмен и Митко Чавков рече дека разговарале наредните денови и тие жалеле за настаните од крвавиот четврток.
Ѓорчев интересна комуникација, со Кацарска, како што пренесовме, имаше и при неговото влегување во судницата.
При земањето на неговите податоци, прво за место на раѓање, по Скопје, пратеникот нагласи „Република Македонија”.
– Зар има Скопје во друга држава? – рече Кацарска во шега.
И при кажувањето на неговата адреса на живеење, тој по ,,Скопје” повторно кажа „Република Македонија” и рече дека му е убаво кога кажува „Република Македонија”.
– Пазете да не ги зовриете страстите да не се случи и овде 27 април – возврати Кацарска.
– Ќе спасуваме пак – низ смеа одговори Ѓорчев, по што судијката го праша „Кога ќе спасувате?
Покрај пратеникот, беа сослушани уште двајца сведоци на Пепиќ кои зборуваа дека тој помагал во спасувањето на 27 април. Судењето продолжува со распит на обвинетиот Мунир Пепиќ.