Триесет и шест годишен жител на селото Гермија, Битолско признал дека е одговорен за поместувањето на граничните камења меѓу Грција и Македонија.
Регионалниот центар за гранични работи Југ, како што соопшти МВР, го расчисти инцидентот, што се случи на 23 ноември, кога во периодот од 14 до 20 часот од страна на непознато лице беа оштетени и поместени граничните камења помеѓу Македонија и Грција.
По преземени мерки констатирано е дека сторител на кривичното дело „оштетување туѓи предмети” е Б.М.(36) од с. Гермијан, Битола.
Во полициска станица извршен е разговор со Б.М. и тој го признал кривичното дело.
Во координација со Основното јавно обвинителство Битола и по целосно документирање на случајот против лицето ќе биде поднесена кривична пријава.
Претставници на македонскиот дел на граничната Комисија за Сектор 3 и 4, заедно со претставници на грчките министерства за внатрешни работи и за одбрана, како што соопшти македонското МНР на 26 ноември, претходно излегле на терен и констатирале дека се изместени и оштетени гранични камења во должина од 12 километри.
Претходно грчката полиција соопшти дека непознати лица уништиле и оштетиле 105 гранични камења, што ја одредуваат границата меѓу Грција и Македонија, од грчка страна, во општина Лерин.