Александар ги пакува куферите и бира елка, по 8 години во Дом, ќе живее со другари

Школата на животот која 46 години трае во оваа установа, која наскоро ќе остане без детскиот џагор, смеа, и по некоја солза, ја поминале и двајцата постари браќа на Александар

1165

Веќе почнав да се пакувам, торбата е спремна, само во неа нема да можам да ги спакувам сите убави спомени од мојот досегашен живот во Домот, каде го поминав детството и дел од младоста. А да можам, со себе би ги земал Мила и Милош моите негователка и воспитувачот, раскажува Александар Николов, кој, по цели 8 години во Домот за деца без родители „11. Октомври“ во Скопје, наскоро ќе ја стави на тест полнолетноста.

Тој, заедно со уште 23 штитеници од оваа установа, до Нова година треба да се преселат во еден од 4-те мали групни домови во Скопје, кои што се само еден чекор  до нивното комплетно осамостојување. Од 30 штитеници колку што сега се во Домот, седум деца ќе се префрлат во згрижувачки семејства.

Александар е насмеано момче и благодарен е на вработените во „11. Октомври“ што му помогнале во растењето и успеале правилно да го насочат. Школата на животот која 46 години трае во оваа установа, која наскоро ќе остане без детскиот џагор, смеа, и по некоја солза, ја поминале и двајцата постари браќа на Александар.

Живеевме во Велес, но татко ми е пијаница, а мајка ми почина, па сите тројца нѐ извадија од куќата и еве израснавме во Скопје. Секако дека се радувам што од Домот успеаја да нѐ оттргнат од улица и што еве, и јас се подготвувам за нов живот. А во новиот дом ќе ја поканам на кафе и девојка ми – се пошегува Аце, кој, како за почеток, нема да остане гладен во новиот дом.

– Знам да варам макарони, супа и да испржам јајца… Доволно е за почеток, а ќе научам и други јадења сигурно во новиот дом. Бидејќи Новата година се ближи, почнав да бирам и елка, а лампионите ќе ги одберам заедно со другарчињата со кои ќе живеам – раскажува Аце, кој е матурант во Средното угостителско училиште „Лазар Танев“, но уште не решил дали ќе продолжи да се школува за туристички водич.

Тој не знае ниту да пегла, па во тоа ќе му помогнат негователката и воспитувачот, кои ќе им бидат „цимери“ на децата во новите живеалишта.

В. д. директорката на Домот, Соња Стамевска, вели дека становите и куќите, кои се во близина на училиштата во Скопје, се подготвуваат, а до Нова година таму треба да се преселат сите деца кои ќе бидат поделени во 4 групи.

– До крајот на годината се планира Домот да биде комплетно испразнет. А нашите вработени постојано ќе бидат со штитениците во новите домови, каде децата ќе престојуваат додека комплетно не го завршат средното образование, а потоа има период на подготовка од шест месеци за самостоен живот – ни рече Стамевска, која е со пофални зборови за највозрасниот штитеник, но горда е и на другите деца во Домот.

– Очекуваме Александар да го продолжи образованието и на факултет. Тој има капацитет, но и можност за студирање на Европскиот универзитет, кој ни додели една стипендија за наредната учебна година. Но ако сака може и друго нешто да одбере, само треба да продолжи да биде вреден и дисциплиниран. Се надеваме дека добро ќе се вклопат во новите станови, кои треба да им ја доловат домашната атмосфера и семејниот живот, тоа е замислата – децата да не бидат веќе во гломазни институции и да се стигматизирани. Сите трошоци за живеење на децата ги покрива државата – појаснува в.д директорката Стамевска.

В.д. Директорката на Домот, Соња Стамевска

Ова е чекор кон деинституционализација на овие установи за згрижување на деца, а  до април в година ќе се знае кои сѐ услуги од социјалната заштита ќе продолжи да ги  пружа Домот, кој е на оваа локација од далечната 1972 година.

Најверојатно, тука ќе можат да добиваат совети згрижувачките и семејствата со ризик, на кои им треба време за реинтеграција во општеството, а вратите ќе бидат отворени и за други услуги од социјалната заштита.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...