Нинџа до Леви: Ви пиша ли Вељаноски дека ќе дојдат маскирани напомош во обезбедување на кабинетот?

6030

Обвинетиот Горан Ѓошевски Леви, кој бил началник на личното обезбедување на Трајко Вељановски, на денешното рочиште за случајот 27 април даде своја одбрана пред судот.

По прашањата од неговата адвокатка за вкрстено испрашување се пријавија и други адвокати, обвинителката Вилма Русковска и двајца од обвинетите, Александар Василевски Нинџа и Никола Митревски Кољо, Јане Ченто, Игор Југ…

– Рековте дека сте размениле СМС пораки со претседавачот Вељановски. Ќе се согласите ли со мене дека ви стигна порака дека ќе пристигнат маскирани лица за напомош за обезбедување на неговиот кабинет? – праша Нинџа.

Ѓошевски рече дека не може да се согласи со тоа бидејќи такви пораки не постојат. Пораките, посочи тој, всушност ги имаат и обвинителството и судот.

Нинџа го праша и зошто како полицаец тој не ги легитимирал лицата со фантомки кои влегувале во Собранието, на што Ѓошевски му одговори дека во полициските овластувања пишува оти ако се во ситуација да е загрозен животниот и телесниот интегритет, не може да се изврши легитимирање.

Кољо, пак, го праша дали полицајците кои стоеле на скалите во Собрание биле полицајци или споменици.

– Побараа вода од мене. Чим побараа значи биле полицајци. Тие пиеја вода, а за нивната работа не можам да одговорам зашто не сме од исти служби и не сме координирани од исти старешини. Сигурно работеле по насоки на своите старешини – одговори тој.

Три прашања до Ѓошевски упати и обвинителката Вилма Русковска, но ниту едно не и беше дозволено затоа што не произлегуваа од претходно кажаното и не беа вкрстени.

Обвинетиот зборуваше дека на 27 април го барал Митко Чавков, но не го добил, потоа Чавков му ѕвонел па тој не го слушнал телефонот… По неуспешните обиди потоа стапиле во контакт.

– За што разговаравте во 18.56 часот кога се отвораа вратите, а вие стоевте на скалите? – праша обвинителката.

Со оглед дека на тоа дека Ѓошевски рече дека го познава обвинетиот Никола Митревски Кољо како лик од Автокоманда каде Леви работел во полициската станица, Русковска го праша дали поради тоа познанство му ја отворил стаклената врата со електронска картичка.

– Рековте дека во 2011 година е изменет Законот за Собрание и е додаден член 43, во кој е предвидено собраниското обезбедување да може да интервенира внатре во собраниската сала само по писмено барање на претседателот на Собранието. Дали значи дека во декември 2012 кога беа исфрлени пратениците тоа беше направено по писмено барање на претседателот? – рече обвинителката во нејзиното трето прашање.

Инаку, Русковска пред неколку дена во телевиско интервју рече дека учествувала во Шарената револуција, но не како нечиј партиски член. Веројатно оттука следуваше и прашање од обвинетиот Јане Ченто до Ѓошевски.

– Со оглед на тоа дека беше поставено прашање за 2012 година, точно ли е дека во 2016 Собранието го напаѓаа со боја дел од присутните овде кои беа дел од Шарената револуција – праша Ченто.

– Точно е, но јас не знам кој од овде бил присутен на шарената револуција – му одговори Ѓошевски.

На крајот од распитот на Ѓошевски, прашања поставуваше и судијката Добрила Кацарска која го праша дали цело време како обезбедување на Вељановски тој морал да биде пред или во кабинетот?

Одговарајќи на нејзините прашања тој кажа дека морал да биде пред кабинетот, но и не мора цело време бидејќи луѓе од неговиот тим се таму. Тој кажа и дека негова должност е да се грижи за безбедноста на лицето кое му е задолжено.

– Вие не сте приватно обезбедување, туку вработен во МВР. Имате ли обврска да се грижите и за спречување на некои несакани ситуации во Собранието? – праша Кацарска, на што тој одговори дека е должен да реагира ако лицето кое го обезбедува е во присуство.

Судијката му рече и да објасни како и од каде толку добро го познава обвинетиот Никола Митревски Кољо за да му покажува пат и во негово присуство тој да отвора врата со нога.

Ѓошевски рече дека не го познава добро, го знае само како лик по име и презиме, кој се движел низ Автокоманда каде тој работел порано како инспектор.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...