Во Кривичниот суд во Скопје денеска продолжи судењето за 27 април на кое во тек е изведување докази на одбраната.
На денешното рочиште исказ даваше обвинетиот Горан Ѓошевски Леви кој беше началник на личното ослободување на експретседателот на Собранието, Трајко Вељаноски. Тој пред судот одговарајќи на прашања на неговата адвокатка, рече дека заедно со неговиот тим бил одговорен за безбедноста на само едно лице и функционирале како истурен оддел на МВР, како и дека не биле вклучени во оперативниот безбедносен план на Собранието и не бил дел од ниту еден тим.
Ѓошевски раскажа дека на 27 април си заминал дома, а попладнето повторно се вратил во Собранието. Во неговиот исказ пред судот, интересен за јавноста беше делот кога тој зборуваше за моментот на отворање на собраниските врати кога тој се симнал од првиот кат на приземјето во холот кај главниот влез.
– Ги видов еден колега од внатрешно обезбедување и пратеникот Крсто Мукоски. Тие беа на централната врата и едниот и другиот на двата краја држеа греда за обезбедување на вратата по што им кажав да ја остават вратата. Ја вратија гредата на вратата – рече Ѓошевски.
Кога се упатил по скалите кон првиот кат, обвинетиот рече дека го видел колегата од внатрешно обезбедување, Абдулфета Алими, кој исто е еден од обвинетите.
– Кај скалите стоеше колегата Абдулфета Алими, поминав покрај пратеникот Јохан Тарчуловски, имаше раздвиженост на пратеници, повеќето или да речам сите од ВМРО-ДПМНЕ, не ги познавам добро. Кога се приближив до Алими прашав каде се клучевите од вратата, тој ги извади од џеб, му паднаа. Кога се наведнав да ги земам слушнав тресок на вратите и кога се завртев видов дека десната врата од главниот влез се отвори. Клучевите му ги ставив во рака на Алими и му реков бегај горе пред кабинет. Кренав рака зашто имаше и други од внатрешно обезбедување за да им кажам да се качат горе – раскажа обвинетиот.
Ѓошевски, кој на снимките од безбедносните камери често се гледаше во холот пред кабинетот на Трајко Вељаноски вели дека демонстрантите го барале и по поранешниот собраниски спикер извикувале „уааа предавник“, но тој им кажувал дека таму не е Вељаноски туку вработени во Собранието.
– Многу од нив извикуваа „Каде е предавникот Трајко Вељаноски што дозволи да се пее странска химна“. Имаше физички напади од лица кои насилно сакаа да влезат. Успеавме да ги задржиме да не влезат – рече Ѓошевски во неговиот распит.
Тој рече дека неговата цел што на 27 април се вратил во попладневните часови во Собранието и што бил пред кабинетот на Вељаноски е да го заштити.
– Мојата цел за повторното доаѓање во Собранието е обезбедување на личноста која ми била доверена. Планот за евакуација на пратеници не е ист како тој за претседател или претседавач. За него планот јас го изготвувам лично, можам да одберам кој било од излезите за кој како началник, ќе оценам дека е безбедно да се изнесе. Додека тоа не е можно кабинетот, како и останатите кабинети на претседатели содржи безбедносна соба која е блиндирана и е во интерес и на идните претседатели за која не смеам да кажам каде е и како се активира – рече Ѓошевски.