Џабе автопати, ако на царина се чека со часови

502

Компаниите, особено извозно-ориентираните, треба да имаат статус на овластен економски оператор (ОЕО) што ќе им овозможи олеснети царински постапки не само во Македонија, туку и во регионот. Aко компанијата е извозно ориентирана и има ваков статус тоа значи дека нивните производи директно од фабрика со олеснети царински процедури, ќе поминат во Србија, Косово, Албанија и во сите земји опфатени со Западно-балканската иницијатива која ја покрива Берлинскиот процес.

Според вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, паралелно со инвестициите во инфраструктурата, треба да се најде и начин што ќе овозможи побрз транспорт на стоката од компаниите надвор од земјава.

– Нема никаква логика да инвестирате една милијарда евра во автопатот, а патувањето на стоката би се скратило за 15-20 минути, ако притоа вашите шлепери чекаат на границите пет до шест часа – истакна Анѓушев на денешната работилница за овластен економски оператор во Царинската управа.

Тој нагласи дека компаниите треба да ги препознаат предностите што им се нудат со стекнувањето на статусот на ОЕО и да исполнат соодветни услови, бидејќи тоа ќе им овозможи да бидат меѓународно познати и поконкуретни на пазарите надвор од Македонија.

– Не може да бидете голема индустрија во Македонија, ако не сте извозно-ориентирани – рече Анѓушев, додавајќи дека во последната година извозот е зголемен за 14 проценти, а увозот за 10 проценти.

Тоа, според него, е добро и може да се очекува раст од четири проценти на БДП доколку градежништвото заживее, а како што кажа, во август, веќе е забележан раст во градежништвото од пет проценти во однос на истиот месец од минатата година.

Директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски посочи дека главен приоритет на Царината во следната година ќе биде воведувањето на новиот систем за обработка на царински декларации и акцизни документи.

– Тоа ќе биде позитивен импулс врз царинското работење, а на стопанството ќе му бидат намалени трошоците и времето на чекање во спроведувањето на царинските постапки и формалности – рече Танасоски.

Во првиот квартал, како што кажа, ќе се почне со пилот испостави, а до крајот на првата половина на 2019 година ќе се воведе системот на целата територија на Македонија.

Воведувањето, пак, на системот на ОЕО, како што рече, е еден вид марка на квалитет која ќе биде многу важна за компаниите од Македонија при нивниот настап првично во ЦЕФТА регионот, а потоа во ЕУ и во светот.

– Концептот на ОЕО не значи само дека компанијата е добра само во финансиската страна на работењето, туку и дека работи безбедно и сигурно согласно признатите европски стандарди и дека со усвојувањето на овој концепт ќе биде препознаена дека ги испорачува сите правила, процедури и препораки кои се бараат во ЕУ и во светски рамки. Овој концепт претставува додадена вредност за самите компании, бидејќи во регионалните синџири за снабдување првично ќе се бараат компании кои испорачуваат сигурност и безбедност и што е најважно нивните камиони да не чекаат на границите – рече Танасоски и додаде дека сите досега спроведени анкети и анализи покажуваат дека на просторите на Западен Балкан се губи најмногу време во завршување на граничните процедури и формалности.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...