Бесмртниот холивудски хит „Казабланка“ го слика животот на овој голем северноафрикански пристанишен град во кој, за време на Втората светска војна, се води пресметка меѓу разузнавачите од безброј различни структури, колку возбудлива, толку и брутална.
Тоа е град во кој голем број бегалци од нацистичкиот прогон го наоѓаат своето засолниште, а во него се и зачетоците на францускиот отпор. Беше и остана град познат по шпионажата. Но, по својата жестина и крвави заплети и расплети, реалноста далеку ја надминува сликата што ја претставува филмот „Казабланка“ со холивудските икони Хемфри Богарт и Ингрид Бергман.
Шпионските кујни и нивните жртви
Скопје овие години е своевидна балканска Казабланка. Безброј интереси се испреплетуваат на ова кутро парче земја. Западот и Истокот секогаш се среќавале (и судирале) на оваа живописна раскрсница, а тие средби имале и имаат безброј крвави исходишта.
Историјата, сегашноста и иднината секојдневно се претвораат во лаги и бајки што се смислуваат во различни кујни на политичкото и безбедносното подземје, со различни цели, најчесто спротивставени. Довчерашни лути непријателства се претвораат во привремени сојузништва, за да завршат со подмолни неверства. И сѐ така во вртоглава и неизвесна спирала што невидливо влијае на судбината на целата земја.
Лесно е да се стане плен и жртва на разузнавачките (шпионските) операции. Секој што е на било кој начин вклучен во општествениот или во политичкиот живот, во медиумите или во културата, во бизнисот или во криминалот, може да стане, некогаш и не знаејќи и не сакајќи, запчаник во шпионските игри. Кога жртвите ќе сфатат што им се случува, обично е предоцна. Им преостанува само да продолжат со играта.
Фатални привлечности
Последиците се неретко фатални. Пари секогаш има да се покрие една или друга потреба на луѓе што западнале во очајна ситуација, а потоа да станат запчаник во големите апарати што неуморно работата во длабока конспирација.
Љубовни афери, хетеросексуални и хомосексуални, сеедно, кумско-ортачки врски, бизниси и лав-ми-тендер акробации, латасовско новинарство, „хуманитарни“ акции, „ботокс естрадата“ и безброј други фатални привлечности и заговори му даваат посебен „шмек“ на скопското подземно секојдневие.
На обичниот „минувач“ низ лавиринтите на комплицираните заговорнички операции сево ова му изгледа хаотично и нелогично. Но, тоа е целта на кујните во кои се коваат конспирации се плетат и разни легенди, спинови и лажни вести. Тие постојано ѝ даваат силно зачинета храна (но, не и вода) на жедната и збунета јавност, а кога ќе влезат во јавниот сообраќај, спиновите и лажните вести неконтролирано растат и само им помагаат на „готвачите“ да останат во длабоките сенки на анонимноста.
Големите дупки во „швајцарското сирење“ на безбедноста
И кога на сето ова ќе му додадете дека комбинацијата од крајно корумпирани делови на медиумската сфера и безбедносниот систем што претходната власт го претвори во швајцарско сирење (она со големи дупки) – не е тешко да заклучите дека Скопје навистина е своевидна балканска Казабланка чија фатална привлечност го контаминира животот на обичниот човек.
Мора да се биде крајно претпазлив кога се консумираат медиумските содржини во кои се вткаени безброј пораки и информации што може, иако не мора, да се дел од поголема операција. Истото се однесува и на валканото, мочурливо боиште на социјалните мрежи. „Добронамерни“ советници во кафеана секогаш имало, а во денешно време ги има и премногу. Дел од нив и немаат поим што прават кога лиферуваат информации од „доверливи“ извори.
Гордиевиот јазол во кој се заплеткани безбедносните структури на Македонија не е лесно да се разврзе, а удар со меч е невозможен. А и да е можен, тој само дополнително ќе ја заплетка целата работа. Со брзи чекори, решително и транспарентно разрешување на сите афери, праведно постапување и рехабилитација на жртвите на политички прогон и „безбедносните обработки“ на луѓето е единствениот лек. Или барем еден од пожелните лекови… Без одложување.
Часовникот во Казабланка отчукува многу побрзо отколку во останатиот дел од светот. Животот никогаш не е тоа што се чини на прв поглед. Исто како што е и оваа колумна.