Мијалков спроведен од Шутка, судот под засилено обезбедување

1188

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков утрово за првпат е спроведен од затворот во Шуто Оризари во судот на рочиште за предметот „Трезор“, кој се однесува на набавка на опрема за Петтата управа. Со возило Мијалков беше внесен во гаражата од судот.

Судската зграда е под засилено полициско обезбедување со специјалните полициски сили, а во судница се присутни и шестмината членови на неговото обезбедување од МВР кое му следува како поранешен директор на УБК.

Мијалков беше уапсен вечерта на 20 ноември во хотелот „Мериот“ во центарот на Скопје. Откако заврши во затворот во Шутка, досега во два наврати не беше спроведен во судот.

Првиот пат кога екс шефот на тајната полиција требаше да дојде на рочиште беше ден по апсењето, но тоа не се случи затоа што судиите немаа време да испратат барање за спроведување.

Во вторникот Мијалков повторно не беше спроведен за случајот „Титаник 2 “ бидејќи рочиштето се одложи по барање на обвинетиот Мендух Тачи кој замина на прослава за Денот на албанското знаме во Тирана.

Инаку, поранешниот прв човек на УБК доби притвор во случајот „Таргет-Тврдина“, поради опасноста од бегство. Во случајот „Трезор“, пак, за кој утрово беше спроведен на судење, покрај него обвинети се и неговиот шеф на кабинет додека тој беше на чело на тајната полиција, Тони Јакимовски, поранешниот началник на Петтата управа, бегалецот Горан Грујевски и поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ.

Обвинетите се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и предизвикување штета на Буџетот во висина од околу 770 илјади евра за набавката на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...