Тодоров: Дали сме толку мали да не може Македонците да им простат на Македонците, со ова бев кај Заев

3438

Поранешниот вицепремиер и министер за здравство Никола Тодоров рече дека средбата во неделата со премиерот Зоран Заев била поради тоа што се обидува да помогне во помирувањето меѓу Македонците. Тој и Заев, како што рече, се познаваат долго, но се политички непријатели. Тодоров смета дека општеството е многу поделено и оти постојани револуции не се здрави и ја пропаѓаат нацијата.

Во емисијата „Само вистина“ на ТВ Канал 5, Тодоров вечерва рече дека Македонија треба да се ресетира, да почне да функционира и да се сврти кон ЕУ, НАТО, економија, отворање работни места затоа што поделбата го разорува македонското национално ткиво.

– По 2001 Македонците им простија на Албанците, Албанците им простија на Македонците. Дали сме толку мали како нација да не може Македонците да им простат на Македонците. Ова е мојата теза и со ова бев кај Заев. Се обидувам да помогнам оваа поделба во општеството, која настана и се заканаува да го разора целото, да ја снема. Помирувањето не значи и не го разбирам како во ситуација во којашто некој ако украл пари ќе се помириме, и тој со парите што ги украл ќе си живее среќно и весело до крајот на животот. Не, тоа не го заговарам. Но заговарам да се помириме и да запре ова лудило коешто трае долго, уште во 2002 од СДСМ, по падот на првата влада на ВМРО-ДПМНЕ, кога почна страшен политички прогон на сѐ што е ВМРО-ДПМНЕ за да се докаже дека било криминално со цел да се добијат некои политички поени. Тој круг на одмазда продолжи понатаму. Со тоа не се согласувам и се обидувам да го променам. Ова му го кажав на господинот Заев – рече Тодоров, кој минатиот месец беше исклучен од ВМРО-ДПМНЕ.

На прашањето дали средбата од Заев била иницирана затоа што се смета дека тој и Митко Јанчев, разрешен од потпретседателската функција во ВМРО-ДПМНЕ, имаат влијание врз пратеници од опозициската партија и можат да издејствувааат поддршка за уставните измени, Тодоров кажа дека не разговарал со ниеден пратеник пред гласањето за уставните измени во Собранието, но дека се согласува со нивниот чекор да се подобри нешто во целиот процес.

– Ниту сум разговарал со некој од пратениците да гласаат, ниту планирам да разговарам со некои други за повторно да гласаат. Тоа е одлука на пратениците и секој од нив сам си одлучува на која страна на историјата ќе застане – рече Тодоров, додавајќи дека осумте пратеници не биле за козметички, туку за суштински измени кои го гарантираат македонскиот идентитет и дека Владата тоа го прифатила.

Тој истакна и дека иако го исклучиле од партијата, секогаш е на страна на ВМРО-ДПМНЕ, а Мицкоски рече сега е лидер на партијата, но е и камен што ја влече партијата надолу.

– Тоа ќе го видите од рејтингот. ВМРО има 20, Мицкоски 7, тоа е трипати понизок рејтинг од тој на партијата. Нема поместување за една година откако стана лидер, и тоа во период кога од СДСМ ништо не е исполнето. Ниту една петтина од ветеното не е испорачано во првата година. Се плашам дека СДСМ со нефункционирање ќе продолжи да управува со државата и во наредните неколку години токму поради катастрофално лошите проценки на ВМРО-ДПМНЕ, пред сѐ на политичко ниво – рече Тодоров.

Тој смета и дека бојкотот од ВМРО-ДПМНЕ за референдумот ќе се одрази сериозно на следните претседателски избори и голема е веројатноста, рече, ВМРО-ДПМНЕ да ги изгуби уште во првиот круг.

– Ова го кажувам не со цел да му наштетам на ВМРО-ДПМНЕ, туку да ги освестам да почнат да прават други политики кои ќе им помогнат на претседателските избори да извојуваат победа – додаде Тодоров.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...