Богдановиќ: Нема да се градат висококатниците спроти „Холидеј ин“ додека трае мораториумот

380

Нема да се градат висококатниците спроти „Холидеј ин“ додека трае мораториумот за градба на територија на општина Центар, вели градоначалникот Саша Богдановиќ. Тој вети дека за понатамошните одлуки ќе бидат вклучени граѓаните. Лично тој смета дека таму не треба да има висококатници.

– До Општина Центар нема доставено проект ниту барање за градба ниту идеен проект, но знаете дека за 30 планови во Центар има моратоирум. Кој било што е опфатен да се поднесе барање, ќе биде одбиен додека не се ревидира планот. Таму уште претходно се зацртани стокатници, па 60-катници. Од тие причини донесовме мораториум. Ќе си има јавна анкета, без разлика кој е сопственик, државата или приватно лице – рече Богдановиќ.

Да не беше мораториумот, рече градоначалникот, инвеститорот би можел да поднесе барање за дозвола за градба на објекти што претходно во 2008 и 2012 година им биле вцртани како маркици претходните власти.

– Мораториумот беше воспоставен со одлука на Советот на општината на 27 декември 2017 година, со кој сите новозапочнати постапки се запираат, така што било кој што е опфатен со овие планови поднесе барање ќе биде одбиен од општината, се додека не се ревидира планот – рече Богдановиќ.

Тој појасни дека на местото кај паркингот кај Холидеј Ин уште од претходно биле вцртани, прво стокатници потоа шеесеткатници, од претходната гарнитура на власт и сегашното раководство на општината затоа го воведе и мораториумот за да може спорните планови да се ревидираат.

– Веќе има неколку ревидирани планови што ќе бидат ставени на седница на Совет и тогаш кога ќе бидат ревидирани и одобрени ќе биде тргнат мораториумот од нив. Како општина нема да дозволиме не само таму, туку никаде во центар да се градат толку високи градби. Нашата тендеција е намалување колку што е можно повеќе на нешто што е претходно донесено. Нашата борба е што е можно повеќе слободни површини да заштитиме таму каде има простор и можност, да се усогласи колку може со барањата на граѓаните – рече Богдановиќ одговарајќи на новинарско прашање по посетата на децата од Дневниот центар за деца со церебрална парализа.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...