Поранешниот премиер Никола Груевски доби притвор од 30 дена и како обвинет во случајот Талир на СЈО.
– Кривичниот совет на одделението за организиран криминал при Основниот суд Скопје донесе решение со кое го уважи предлогот и на обвинетиот Н.Г. му определи мерка притвор во траење од 30 дена, сметано од денот на неговото пронаоѓање односно лишување од слобода, соопштија од судот.
Оттаму наведуваат дека одлуката е донесена денеска откако пристигнало известувањето од Комисијата за мандатно и имунитетни прашања во Собранието. За потсетување, имунитетот на бегалецот и пратеник Груевски вчера му беше одземај со 62 гласа ,,за”.
Против решението за притвор, Груевски и неговите адвокати имаат право на жалба во рок од 24 часа до Апелациониот суд – Скопје.