Мицкоски пред бизнисмените вети враќање на рамниот данок

Привлекувањето на странски инвеститори ќе се врши според потребите на македонската економија, а не како во изминатиот период само да се донесат што поголем број и да се нуди евтина работна рака.

796

Стопанската комора сака да гради мостови и да обезбеди консензус меѓу власта и опозицијата за прашањата кои се од интерес на бизнисите. Такви се акцентирањето на извозот, и посебното внимание на индустријата кои треба да обезбедат раст на економијата, изјави претседателот на Стопанската комора Бранко Азески по средбата со претседатеот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и неговиот економски тим.

– Побаравме поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, како што претходно и на конференција во Охрид од власта, за нашата програма за извозот и создавањето заеднички регионален производ за извозот. Македонија мора да се врати на индустријата – рече Азески.

Тој изјави и дека од економскиот тим на ВМРО-ДПМНЕ побарал она што веќе бизнисот го направил во однос на донесувањето на регулативата со оваа власт, да продолжи и доколку ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, пак, рече дека во фокусот на економскиот дел од програмата која се подготвува ќе бидат домашните компани, врската меѓу образованието и бизнисот и привлекувањето на странски директни инвестиции.

Но, како што појасни, овој пат привлекувањето на странски инвеститори ќе се врши според потребите на македонската економија, а не како во изминатиот период само да се донесат што поголем број и да се нуди евтина работна рака.

– Ќе формираме развојни истражувачки центри во кои ќе бидат вклучени домашните кадри и ќе го направиме Центарот за иновации онаков каков што треба да биде, а не како сега. Преку низа програми ќе се обидеме да ги вратиме од странство нашите кадри – рече Мицкоски.

Говорејќи за даночната политика рече дека ВМРО-ДПМНЕ нема да се откаже од рамниот данок.

– На првата седница на Владата ќе го вратиме рамниот данок и ќе ги вратиме акцизите на нивото од пред година и половина – рече Мицкоски.

Тој информира и дека за подготовка на програмата е правена компаративна анализа со словенечкото стопанство.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...