Ахмети врти нова страница во политичкото дејствување

Утре буквално ќе има интерпелација на министрите пред членовите на Централното претседателство на партијата и од сработеното ќе зависи кој ќе остане во Владата, вели висок функционер на ДУИ.

4544

По донесувањето на Законот за јазиците, Али Ахмети утре ќе го свика највисокиот партиски орган – Централното претседателство за да свртат нова страница во политичкото дејствување, откако нормативно е целосно спроведен Рамковниот договор, 17 години по неговото донесување, но и 17 години по дејствување на ДУИ на политичката сцена.

Централното претседателство ќе заседава за новите политики, стратешки, организациски и структурни определби на партијата за наредната декада. По заокружувањето на Рамковниот договор, ДУИ ќе треба и идеолошки да се определи како ќе дејствува.

Промената на стратешките и програмските определби на ДУИ, навестуваат и промени во партискиот врв, но и на министри и функционери на ДУИ пред пролетната реконструкција на Владата на Зоран Заев.

– Со донесувањето на Законот за јазиците го заокруживме нормативниот дел од Рамковниот договор. Претседателот Ахмети ќе направи рекапитулар на досегашното дејствување и работа на партијата. Ќе се разговара и ќе се утврдат идните стратешки и програмски определби на ДУИ за наредната декада или две – изјави за Плусинфо Артан Груби, пратеник и шеф на кабинетот на Ахмети.

Од партијата велат дека новите политики очекувано е да повлечат и нови организациски, структурни и кадровски промени во ДУИ. Очекувањата на дел сопартијци е Ахмети конечно да сврти нова страница, односно со зaтворањето на поглавјето – Рамковен договор, да го затвори и поглавјето на командантското раководство на партијата и во раководните структури да ја отвори ДУИ за свежи кадри.

Ова би значело промена на потпретседателите кои речиси без исклучок изминативе 17 години, сите беа од редовите на поранешните команданти.

Сепак, дали и колку Ахмети е подготвен на освежување на партијата првиот тест ќе биде изборот на генералниот и на организацискиот секретар на ДУИ, функции кои веќе подолг период се празни. Актуелниот вицепремиер за Рамковниот договор Хазби Лика пред три години поднесе оставка од функцијата организациски секретар, додека неодамна по смртта на Абдулаќим Адеми, остана празно столчето и на партискиот ген-сек.

Централното претседателство можно е двете места да ги пополни и пред редовниот партиски конгрес, кој, како што брифираат од ДУИ, ако стасаат ќе го одржат во јуни или во ноември, кога беше и последниот конгрес на партијата.

Според ова, евентуалните смени на потпретседателите би го почекале конгресот.

И додека раководството на ДУИ може да претрпи измени на конгресот, веќе се навестува дека дел министри и други владини функционери ќе се збогуваат од позициите при реконструкцијата на Владата на пролет.

Тоа впрочем се најавува и како една од точките на утрешното Централно претседателство. По рекапитуларот на Ахмети, тема на состанокот е и реферирање на сработеното на министрите, по што највисокиот партиски орган ќе анализира и ќе ја оцени работата на министрите.

– На утрешниот состанок на извршниот орган на ДУИ на тапет ќе биде работата на вицепремиерите, министрите, замениците-министри, државни секретари, директори. Буквално утре ќе има интерпелација на министрите пред членовите на Централното претседателство на партијата. Од сработеното ќе зависи кој ќе остане во Владата – вели висок функционер на ДУИ.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...