Поранешна пратеничка: Ниту Мукоски ниту кој било од ВМРО-ДПМНЕ ме координирал за 27 април

1007

Ниту со еден мој колега, не само со Крсто Мукоски, сме биле во комуникација ниту три дена, ниту три месеци, ниту шест месеци пред 27 април. Дури и како колеги во периодот од 2014 до 2016 на Мукоски не сум имала потреба да му се јавам по телефон. Сме се гледале секој втор ден на работа. Бил добар колега, сѐ уште е добар колега. Воопшто, кој било партиски функционер од ВМРО-ДПМНЕ воопшто ме нема ниту исконтактирано ниту координарано за каква било вмешаност, сведочи денеска Марија Ангеловска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ во периодот од 2014 до 2016 година и кандидатка за градоначалник за општина Чаир во 2013 година.

Таа е повикана во Кривичниот суд како сведок за настаните од 27 април, по предлог на обвинетиот пратеник Крсто Мукоски.

За крвавиот четврток таа раскажа дека дента после 17.30 часот се создала чудна и возбудена атмосфера пред Собранието откако на интернет демонстрантите виделе дека се пееле химни од собраниската говорница.

– Наеднаш се создаде стампедо од народ и, да бидам искрена, првпат ми се случува во животот да гледам таква слика. Можеби звучам несекојдневно, меѓутоа во моментот кога и вие би стоеле до мене ќе почуствувавте страв, ќе ве фатеше паника. Никој не очекуваше дека ќе се случи такво нешто бидејќи протестите во изминатите месец-два беа навистина позитивни. Јас се придвижив до полициската куќарка за обезбедување и оттука го гледав народот како е веќе пред вратите на Собранието. Од љубопитност направив две-три фотографии и гледав што се случува, видно вознемирена. Потоа народот влезе, влегов и јас да ги видам чисто колегите, да се консолидирам со народот, поседев 15тина минути и излегов бидејќи беше навистина топло во салата – раскажа во суд поранешната пратеничка.

Ангеловска е личноста чии пораки на минатите рочишта се читаа во судница од вештачењето на телефонот на Мукоски каде таа била меморирана како „Колешка Чаир“. Во група на вибер со поранешниот пратенички состав на ВМРО-ДПМНЕ таа праќала пораки дека народот влегол во Собранието.

Зборувајќи за овие пораки, таа рече дека ги пишувала во афект и информативно за да им ја пренесе атмосферата на поранешните колешки. Да не пишала порака поранешна колешка која не е од Скопје, рече сведокот, ниту таа не би ги пишувала пораките.

– Го понудив својот телефон на обвинителката ако сака да го вештачи, односно да утврди дека мојата комуникација за 27 април е неважна и исклучиво помеѓу нас, го понудив за да ѝ доловам дека немам никаква комуникација и искоординираност со колегите во Собранието – рече сведокот.

Ангеловска е единствениот сведок на пратеникот Крсто Мукоски откако од здравствени причини не се појави пратеникот Драган Данев. Сите други докази, тој и неговиот адвокат ги повлекоа.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...