За многу трапави потези, во политиката, во економијата, во науката, во здравството, во екологијата, за жал, некои и од капитално значење, што би се рекло со круцијални национални димензии, сме идилично спокојни – како покојници.
Секоја ненормалност, во стил на врвни алхемичари, се обидуваме да ја прикажеме како логична неминовност.
За секоја глупост, имаме научно оправдување.
За секој политички лупинг – силно конструктивно објаснување.
Да ја маргинализираме сопствената дремка дури и за бегството од државата на онаа лидерска шуга, некогашен премиер, со исклучително богато злосторничко педигре.
За навестот за амнестија на злоделници, кои одиграа сцена на манијачко гладијаторство во законодавниот дом, поради кој, се заплеткавме во ретко густа пајакова мрежа Забошотување на траги за криминални тендери.
За погромијата од полициските и судските злосторништва. Молкум минување преку ступидаријата – министер неказнето со месеци да не доаѓа на работа.
За економскиот и социјален апсурд – со години на платниот список од државната администрација да има 2.000 домолежачи.
За апашлукот на антихристите од Македонската православна црква.
За систематските грабежи на тајкунската мафија.
За злосторничките потези на термитите од урбанистичката и градежната гангстерана.
За трговските зделки со факултетски дипломи, магистрати и докторати.
Трагичен е фактот – имаме разбирање за секоја наша ненормалност, која, секојдневно се осведочуваме дека ни се струполува врз главите како своевиден бумеранг, и никако да се отрезниме дека терапијата што ни ја препишуваат дури и потврдени експерти од надвор, дефинитивно треба да почнеме да ја земаме навреме. За, колку-толку, да се вразумиме!