Седницата на собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања на која треба да се расправа за пет барања за одобрување притвор на поранешниот премиер и пратеник Никола Груевски, кој избега и доби политички азил во Унгарија никако да почне – доцни цел час.
Беше закажана за во 10 часот. Неофицијано, причина за доцнењето е затоа што се чека уште еден документ од судот.
Груевски е осуден на две години затвор за случајот „Тенк“ за набавка на луксузниот „мерцедес“, но пред да започне да ја отслужува затворската казна, избега во Унгарија. За овој случај беше побарано одземање на мандатот на Груевски, но не беше обезбедено двотретинско мнозинство.
Поранешниот премиер е обвинет и во случаите на СЈО „Траекторија“, „ТНТ“, „Титаник“ и „Насилство во Центар“, за кои ќе му се суди во отсуство.
Груевски е осомничен и во неколку отворени истраги на СЈО, меѓу кои и „Талир“, „Пропаганда“, „Хармонија“.
Барањата за одземање на имунитетот на Груевски се поради одредување притвор за дел од овие случаи.