Штрајк на новинарите во Грција

91
ФОТО: МИА

Со 24часовен штрајк од 6 часот утрово, новинарите во Грција, како што и во минатото практикуваа, ден порано, учествуваат во утрешниот закажан генерален штрајк.

Денеска Грција ќе биде без вести, информативни емисии на радијата и телевизиите и без весници, јави дописничката на МИА од Атина.

Потпишување колективни договори, достоинствени плати и пензии, враќање на намалените плати и бонуси, мерки за справување со невработеноста, се дел од барањата на новинарите.

Во 24часовниот штрајк учествуваат и приватните и државните медиуми, но вработените во Генералниот секретаријат за медиуми.

Дел од информативните портали во Грција, решија да го поддржат штрајкот, друг дел, регуларно емитуваат вести.

Конфедерацијата на работници на Грција за утре закажа 24часовен генерален штрајк, а пракса на новинарите е, за да можат да ги следат протестите во рамките на штрајкот и да ја информираат јавноста, ден претходно да прекинат со работа во знак на поддршка.

Со утрешниот штрајк под слоганот „Штрајкуваме, се бориме, бараме“, од конфедерацијата, меѓу другото бараат минимална плата од 751 евро, колективни договори, работа за сите, целосна социјална помош.

Бродовите во Грција, утре ќе останат закотвени на пристаништата, поради учеството во штрајкот на грчката поморска федерација, додека пак сериозни проблеми во Атина ќе предизвика штрајкот на јавниот превоз. Со исклучок на автобусите кои ќе сообраќаат неколку часа, сите други јавни превозни средства (метро, тролејбуси, трамваи) 24 часа нема да функционираат.

Од конфедерацијата на грчки работници за утре во 11 часот по локално време, најавија протест во центарот на Атина.

ФОТО: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...