По вчерашната некоординираност во судот продолжува судењето за 27 април

63

Во Кривичниот суд во Скопје денеска треба да се одржи ново рочиште за случувањата во Собранието на 27 април минатата година. Обвинителството заврши со своите докази, а денеска одбраната треба да продолжи со изведување на нејзините за што, како први сведоци се повикани двајца предложени од обвинетиот пратеник Крсто Мукоски.

Тие требаше да бидат сослушани вчера, но рочиштето се одложи бидејќи во ист термин имаше закажано и судење за предметот „Титаник“ на СЈО во кој е обвинет Мунир Пепиќ, кој е на обвинителна клупа и за случајот со „крвавиот четврток“.

– Иако, овие термини за судење се закажани уште во текот на месец септември поради некоординираност во судот се случи во ист ден и во ист термин да се суди друг предмет во кој како обвинет се јавува Мунир Пепиќ – рече судијката Добрила Кацарска при вчерашното одложување.

За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување. Претходно поради влошена здравствена состојба на обвинетиот Сашко Марковски постапката за него беше одвоена и треба да продолжи по еден месец.

Меѓу обвинетите се повеќе пратеници, вработени во МВР и собраниското обезбедување, уметници. Тие пред Судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат за виновни.

На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...