Според кинески научник, првпат во светот се родени бебиња по генетска модификација. Двете девојчиња се резистентни на ХИВ. Етичарите реагираат со жестока критика, пишува Дојче веле.
– Двете прекрасни малечки кинески девојчиња со имиња Лулу и Нана пред неколку недели дојдоа на свет исто како и сите други здрави бебиња – изјави научникот Хе Јианкуи на видео споделено преку Јутјуб.
Кај двете бебиња, во фазата на ембриони бил преземен нов зафат Crispr/Cas9 со цел тие да станат резистентни на ХИВ вирус. Досега не се објавени научно проверени студии за зафатот, туку тој е само регистриран во кинески регистар за клинички тестови. Научникот наводно за својата метода имал согласност од повеќе кинески брачни двојки од кои мажот бил ХИВ-позитивен. Ембрионите настанале по пат на вештачко оплодување, а научникот извршил промена во наследниот материјал.
Веднаш стигна остра критика на кинескиот медицинар.
– Ова претставува неодговорно експериментирање со луѓе – изјави Петер Даброк, претседател на Германскиот етички совет.
– Дали е точно она што го тврди Хе или не, во сегашниот момент вакви експерименти, па и нивна најава, треба остро да се осудат – додаде тој.
Неподелено мислење е дека истражувањата во оваа сфера се уште многу далеку за да можат да се применуваат кај луѓе.
– Придружните и подоцнежни последици се непредвидливи и тешки за контролирање. Зафатите во ДНК на некој поединец не го засегаат само него, туку потенцијално и сите негови потомци. А ова се случува токму кога во Хонг Конг се одржува светски научен самит посветен на одговорно однесување при истражувањата – истакнува Даброк.
Тој инсистира политиката на глобално ниво што поскоро да се зафати со оваа тема.
– Со оглед на ваквите интенции, потребно е да се размисли околу создавање служба која ќе врши контрола, аналогно на Меѓународната организација за атомска енергија – вели Даброк.