Обвинетиот Миле Јанакиески на 13 ноември се спремаше за бегство. Ваквата околност како сознание ја добил орган од државата надлежен да прибира такви информации, рече обвинителката пд СЈО Лиле Стефанова на јавна седница во Апелациониот суд каде Јанакиески бара укинување на притворот кој му е доделен во случајот Титаник.
– Претходна состојба на оваа белешка е бегство на други сообвинети кои имаа точна локација и можност да му дадат логистичка поддршка на овој обвинет – рече Стефанова.
Таа потенцираше дека опасноста за бегство на Јанакиески била констатирана уште лани кога СЈО го поднесе обвинителниот акт, но тогаш судот одлучил дека ваквата опасност може да ја спречи со одземање на пасошот.
Јанакиески и неговите адвокатите претходно, како што веќе информиравме, бараа укинување на притворот бидејќи белешката од УБК според нив е фиктивна.
Екс министерот за транспорт и врски беше приведен откако СЈО побара притвор со белешка од УБК во која пишува дека тој преку посредник барал од претседателот Ѓорѓе Иванов амнестија зашто тоа му е единствен спас. Во спротивно, според белешката, друго што му преостанува, рекол Јанакиески, е да избега.