За две недели ќе биде објавен нов оглас за набавка на реагенси, тежок 35 милиони евра, со кој ќе бидат набавени реагенси за лабораториите во земјата за следните три години, најави денеска министерот за здравство, Венко Филипче. Наместо со осум централни лаборатории и крвта да се транспортира низ земјата, како на претходниот поништен тендер, овојпат ќе се обидат со систем на транспорт низ градовите.
А втората разлика е што новиот тендер ќе биде поделен на седум лота, а преку едниот компјутерски ќе се следи потрошувачката и резервите на реагенси со кои ќе располагаат здравствените домови.
Филипче изјави дека вработените во лабораториите нема да бидат отпуштени од работа, а ако е потребно, дел од кадарот ќе биде прераспределен во централните лаборатории каде има недостиг од кадар. Резултатите за брзите анализи пациентите ќе ги дознаваат уште истиот ден, а подеталните следниот.
Во врска со тоа по кои критериуми ќе се врши изборот на фирмите на тендерот и ќе може ли да се случи повторно, како на претходниот, во игра да влезе фирма, регистрирана само неколку месеци претходно, Филипче рече дека тоа било една од дезинформациите.
-Фирмата која конкурираше беше странска, со огромно реноме. А фирмата која излезе во јавноста беше само дистрибутер. На ова може да одговорат само спремни фирми со огромно искуство и со светско реноме. Ако има проблеми или ако нема заштеди – нема да продолжиме. Со многу помалку средства може да функционира овој систем – рече Филипче.
Инаку, во Јавното обвинителство во тек е преистражна постапка и не е донесена јавно-обвинителна одлука дали ќе се бара одговорност од вклучените во распишување на тендерот за реагенси, кој беше поништен пред неколку недели.
Од операторите кои ќе конкурираат на новиот тендер ќе се бараат бесплатни апарати и бесплатно сервисирање, бидејќи, како што нагласи Филипче, сега токму за сервисирање се трошат дополнителни средства.
– Во помалите места пациентите нема да се упатуваат во приватни амбуланти, за да се соберат огромен број пациенти, за да се отворат реагенси за огромен број пациенти. Таму има апарати од повеќе анализи на час, а реално дневно се прават стотици или десетици анализи – појасни Филипче.
Со овој начин на набавка се планираат заштеди од 10 до 15 отсто од од парите што се трошат за набавка на реагенси, односно, за три години во јавните здравствени установи за реагенси се трошат 35 милиони евра, плус пари за сервисирање на апаратите.
Централни лаборатории во Скопје ќе има во ГОБ „8 Септември“, во клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“. Во клиничкиот центар, централната лабораторија ќе биде во Институтот за биохемија, а ќе функционираат и лабораториите на Клиниката за инфективни болести, Гинекологија и на Хирургија, зашто таму се прават и специфични анализи.
Бројот на лаборатории во Здравствениот дом Скопје дом ќе се преполови, од 11 ќе бидат пет или шест, а во поликлиниките ќе се распределат таму каде ќе бидат пунктовите за дежурни служби за педијатри.
– Овие пунктови ќе ги воведеме од јануари, за да се намали притисокот врз Детската клиника. Веќе одредивме педијатри за обука од семејната медицина. Во останатите поликлиники ќе се организира транспорт до најблиската поликлиника – додаде министерот Филипче.