Друже Заев, зошто ни растат рокчињава на главиве? Е ајде, де?!

Ми здодеа веќе ова барање на одговорноста и оставки за бегството на Груевски, а и овие критики кон нашите „пријателски“ земји членки на НАТО, во кои владееле правото и правдата. Чувството е исто како кај онаа згодна дама адвокатка, која на протестите во Париз носи транспарент на кој пишува: „Да сакавме власта да не е*е, ќе го изберевме Бред Пит“.

8326

Зборува другарот Зоран Заев. Ги читам главните пораки од неговиот последен јавен настап и го замислувам неговиот карактеристичен говор на телото – подигнати веги како израз на зачуденост, дури и вџашеност од сомневањата, како и задолжителната рака на срце, како знак на натчовечка искреност. И како човек да одолее?

Што ни вели Заев сега за бегството на Груевски, откако во првата своја изјава по скандалозниот настан, „видовито“ рече дека немало вина во институциите?

„Јас сум информиран од МВР и знам досега до каде се стигнати работите и верувам дека во многу брзо време на јавноста ќе ѝ бидат соопштени деталите што се случувало во Република Македонија, бидејќи знаеме што се случувало во Албанија, Црна Гора, Србија и во Унгарија“.

Добро е, важно е премиерот да е информиран од МВР. И дека знае што се случува во регионот. Сега, кои сме ние веднаш да дознаеме што се случува во Македонија?

„Останува прашањето – коментира премиерот – како тоа наши пријатели, четири земји, го дозволиле тоа и, секако, останува прашањето како тоа во три земји членки на НАТО, демонстрирајќи владение на правото, го кажувам тоа под наводници, во време кога македонското општество, македонскиот парламент сериозно е фокусиран заради огромната инспирација со право да се биде членка на ЕУ и НАТО, се случува токму тоа“.

Добро е, премиерот знае за што служат наводниците. Иако, да им се одржат вакви лекции на три земји членки на НАТО можеби и не е најпаметно. Ама, да не делам и јас ум сега, си има човекот советници…

„Не сум комуницирал со Никола Груевски непосредно пред да ја напушти државата – уверува Заев. – Тамам работа, ќе излезе дека заедно сме го договарале тоа“.

Баш… И ние па, што сѐ нема да ни падне на памет! Тамам работа.

Мене, на пример, на памет ми паѓа еден виц. Знам дека сите ќе ме критикувате дека вицот е познат и стар (што да правам, кога обожавам стари вицеви), ама ете, некако ми легна…

Пратил директорот по својот шофер дома четири големи риби, жена му да ги зготви за вечера. Вечерта, на масата, само три риби. Директорот веднаш му се јавува на шоферот:

– Добро бе, абдал низаеден, нели ти дадов четири риби?

– Точно е, директоре.

– На масава сега гледам само три риби.

– И тоа е точно, директоре. Три се.

– Па како тоа, ти дадов четири, а сега се три?

– Е ајде де?! – одговара зачудено шоферот.

И така…

Да бидам искрен, ми здодеа веќе ова барање на одговорноста и оставки, а и овие критики кон нашите „пријателски“ земји членки на НАТО, во кои владееле правото и правдата. Ме не што ми здодеа, туку ми збоктиса. Чувството е исто како кај онаа згодна дама адвокатка, која на протестите во Париз носи транспарент на кој пишува: „Да сакавме власта да не е*е, ќе го изберевме Бред Пит“.

Добро е, друже Заев. Не се заморувај. Веќе нема потреба од сево ова. Јас веќе не барам ни објаснување, ни одговорност, ништо не барам и ништо не очекувам. Ги гледаш ли ова рокчињава што ни растат на главиве. Од каде ни се? Веќе знам што ќе ми одговориш: Е ајде де?!

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...