Бесплатното и доброволно тестирање на ХИВ кое во петокот почна во Младинските центри на ХЕРА „Сакам да знам“ на Водно и во Шуто Оризари во Скопје, го вжешти телефонот 02/3176 950 на оваа асоцијација.
– Голем е интересот за тестирањата, нашиот телефон речиси постојано ѕвони… Граѓаните, најмногу младите, сакаат да дознаат како се одвива тестот, од каде се зема крв – дали од вена или од прст, колку брзо се дознаваат резултатите. Едно од најчестите прашања е дали тестирањето на ХИВ е доверливо. Резултатите се дознаваат за половина час, а тестирањето со брзи тестови е бесплатно и доверливо и се одвива секој ден од 17.00 до 21.00 часот – велат од ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување.
До петок тече Европската недела на тестирање за ХИВ, под мотото „Тестирај. Лекувај. Превенирај“, а ќе има и советувања за ХИВ.
Денес, се претпоставува дека секое четврто лице во Европа кое има ХИВ, не го знае својот ХИВ-позитивен статус. Половина, пак, од луѓето што живеат со ХИВ се дијагностицирани доцна, со што се доцни со пристапот до терапија, грижа и поддршка.
Терапијата за ХИВ која е денес достапна, им овозможува на луѓето со ХИВ да живеат квалитетно и долго доколку се дијагностицирани навремено. Луѓето што живеат со ХИВ имаат речиси изедначен животен век со лицата кои немаат ХИВ, доколку добиле навремен третман. Редовното земање на терапијата за ХИВ е и еден од најефективните начини на превенција на вирусот, бидејќи луѓето кои редовно примаат терапија, имаат недетектибилно ниво на вирусот, со што речиси целосно се спречува преносот за ХИВ по сексуален начин. Затоа е толку важно навременото тестирање.
ХЕРА е само една од над 600 организации од 53 европски држави кои учествуваат во активностите на Европската недела на ХИВ тестирање со цел да ја подигнат свеста за придобивките од тестирањето за ХИВ. На тој начин, информациите за превенција на ХИВ стануваат подостапни, повеќе луѓе можат да го дознаат својот ХИВ-статус и да добијат пристап до терапија, грижа и поддршка.